
ИСТАНБУЛ (АА) – Семејството Апак од Силиври, Истанбул, својата куќа ја претвори во вистинско засолниште за различни видови животни, давајќи им дом и грижа на оние што се напуштени или повредени, јавува Анадолу.
Семејството, кое живее во куќа со голем двор, базен и вештачко езерце, секојдневно го дели просторот со овие животни, вклучувајќи ги во своите активности и рутина.
Животните имаат слободен пристап во домот, а најмногу уживаат во играта во езерцето и заедничките оброци.
Ѓизем Апак, нејзиниот сопруг Онур и сестра ѝ Излем пред шест години ја започнале оваа мисија за спасување животни, кога го згрижиле малото магаре Туркан, кое по смртта на мајката со денови останало гладно и жедно.
Потоа ја згрижиле и кравата Бамби, која успеале да ја спасат од кланица.
Со текот на времето семејството згрижило и други животни – врана што не можела да лета, седум зајаци, три желки, разни птици и десетици кучиња.
Минатата недела семејството згрижило и петел, кој уште првата ноќ спиел покрај нивните ќерки Пера и Парла.
Ѓизем за Анадолу вели дека уште како дете се интересирала за животни.
„Кога бевме мали, ни купуваа големи палта, велејќи дека брзо растеме. Дури и тогаш, во зима седев надвор на снег, ги ставав мачките под палтото и земав куче со мене. Моето семејство ми даваше џепарлак, а јас купував млеко и салама за животните. Им бев многу посветена кон животните.“
- Животните се дел од секојдневниот живот на семејството -
Туркан и Бамби сакаат да влегуваат во куќата, а враната Ѓакгук секогаш чука на прозорецот за време на појадокот за да добие храна.
Секое животно има свој ритам и рутина, а меѓусебниот однос и хиерархија меѓу нив се воспоставиле природно.
Ѓизем вели дека магарето Туркан е исклучително интелигентно – со устата успева да отвори врати, да вклучи светилка и да отвори вреќи со храна, а кучето Бадем вешто нурка во езерцето.
Враната Ѓакгук, пак, често е лидер меѓу животните и постојано ја следи својата сопственичка.
- Живот без стрес -
Семејството нагласува дека овој начин на живот им донел поголема поврзаност, љубов и смиреност.
Нивните деца растат во контакт со животните, секојдневно пливаат со нив во базенот и езерцето, ги хранат и негуваат.
Ѓизем, која дел од бременоста ја поминала во друштво на спасените животни, вели дека тие станале составен дел од семејството.
„Чувството да живееш со овие животни е како да ти го продолжуваат животниот век. Благодарение на нив, станавме семејство со помалку стрес и повеќе се поврзавме. Во нив (животните) го гледате значењето на безусловната љубов“, вели таа.
Апак најавува дека во иднина сакаат да отворат поголема фарма-засолниште за уште повеќе видови животни на кои им е потребна грижа.
Таа потенцира дека секое животно заслужува љубов и шанса за нов живот, а нивната приказна е доказ дека различни видови животни можат да живеат заедно во хармонија.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.