Mehmet Akif Parlak
02 Март 2023•Ажурирај: 03 Март 2023
КАХРАМАНМАРАШ (АА)
- Мехмет Акиф ПАРЛАК
Семејството Јилдирим, чија куќа е оштетена во Пазарџик, каде беше епицентарот на првиот земјотрес кој ја потресе турската област Кахраманмараш на 6 февруари, продолжува да живее во вагон кој не е во употреба, пишува Анадолу.
Борба за опстанок и враќање на животот во нормала водат луѓето кои го преживеаја земјотресот во местото Пазарџик. Тоа е местото во кое се наоѓање епицентарот на првиот од разорните земјотреси кои оставија катастрофални последици во 11 турски области и кои се опишани како „катастрофа на векот“. Додека повеќето од преживеаните од земјотресот престојуваат во шаторските населби што ги постави турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), некои од нив засолниште најдоа онаму каде што се чувствуваа безбедно.
Хаџи Таџи Јилдирим, жител на Пазарџик, чија куќа е оштетена од разорниот потрес, по земјотресот засолнилште за себе и своето семејството најде во еден вагон што не се користи во близина на железничката станица Пазарџик.

Благодарение на помошта на добротворите, Хаџи Тачи Јилдирим, неговата мајка, неговата сопруга и нејзината мајка, се снабиле со основни предмети за живот, како што се кревети, греалка, плинска боца, телевизор и фрижидер, и поставувајќи ги во вагонот, почнале да живеат во него.
Семејството Јилдирим со електрична енергија се снабдува преку кабелот кој е спроведен до вагонот.
Хаџи Таџи Јилдирим, кој тагува по смртта на своите роднини кои ги загуби во земјотресот, за Агенција Анадолу (AA) изјави дека земјотресот ги затекнал додека спиеле и штом се разбудиле, веднаш ја напуштиле куќата чии ѕидови биле испукани.
Раскажувајќи дека прво со своите возила излегле надвор од градот, Јилдирим продолжи со зборовите: „Будни останавме до утрото. Се разбира, тлото не престана да се тресе, имаше последователни земјотреси. Потоа повторно се вративме во центарот на градот. Ги побаравме пријателите и роднините. На едните куќите им беа уништени, а некои пак не беа дома. Се обидовме да помогнеме“.

Објаснувајќи дека откако го однел своето семејство на безбедно, им помагал на роднините и соседите, Јилдирим рече:
„Потоа дојдоа АФАД и Црвената полумесечина и беа организирани народни кујни. На преживеаните веднаш им беше понудено топло јадење и супа. Приквечер беа поставени шатори, но ние не се сместивме во еден од нив. Ни дадоа се што ни требаше за живот. Видете, кога ќе се случи катастрофа од овие размери во 11 области, и ако земеме предвид дека секоја од овие области има по 15 градови и места, и уште ако ги сметаме селата, тогаш јас сум задоволен од мојот живот. Помошта стигна до секого. Пристигнаа хеликоптери и под итно ги зедоа повредените. Да ѝ даде Господ единство и солидарност на нашата држава и нација.“
Емине Јилдирим, мајката на Хаџи Таџи Јилдирим, рече дека ноќта кога се случил земјотресот била многу исплашена.
Заблагодарувајќи им се на сите оние кои помогнале, таа рече:
„Донесоа шатори, веднаш стигнаа. Државата се погрижи за сѐ. Многу сме задоволни од неа. Не помалку, туку направи повеќе. Подоцна дојде и нашиот претседател, нѐ посети и праша како сме. Многу ви благодариме. Потоа дојде секаков вид на помош, дури до паста за заби. Нашите лекари ги прегледаа болните, им дадоа лекарства. И вагонот во кој сме сместени е на државата“.