живот

Ранетите Палестинци се занимаваат со спорт, и покрај инвалидитетот

Мухамед ел Ахрас (32), Басим ед Духани (33), Мухамед Хусеин (21) и Хамис Фуџу (35) ги изгубија екстремитетите во интервенциите на израелските сили

Gülşen Topçu  | 06.08.2019 - Обновена : 08.08.2019
Ранетите Палестинци се занимаваат со спорт, и покрај инвалидитетот

РАФА (АА) - ХАНИ ЕС САИР -

Четворица Палестинци кои се тешко ранети во интервенциите на израелските сили врз демонстрациите во текот на 2018 година во Појасот Газа, настојуваат со занимавање со спорт да ја сочуваат силата и да бидат пример на другите, пишува Anadolu Agency (AA).

Мухамед ел Ахрас (32), Басим ед Духани (33), Мухамед Хусеин (21) и Хамис Фуџу (35) ги изгубија екстремитетите во интервенциите на израелските сили. Денес, одлучни да не се откажуваат пред животните предизвици, често ја посетуваат вежбалницата во Рафа.

Басим ед Духани во интервенцијата на израелските војници на 29 јуни 2018 година останал без десната нога. Во разговор за AA изјави дека е невозможно да го продолжи животот каков што го имал пред да биде ранет.

Пред да го застрелаат израелските сили, тој одел во вежбалница, но кога ја изгубил ногата, прекинал да се занимава со спорт.

„Бидејќи немам една нога, не е лесно да се занимавам со спорт како претходно“, изјави Духани, кој рече дека повеќе се фокусирал на вежби за јакнење на мускулите на градите и рацете.

Мухамед ел Ахрас, пред да остане без нозе на 18 мај 2018 година, со спорт се занимавал две години.

„Откако бев ранет, телото почна да ми слабее и луѓето околу мене започнаа да ме гледаат како лице со инвалидитет. Сакав тоа да го променам“, изјави Ахрас.

Тој додаде дека негов пријател го наговорил да се врати на старата љубов - спортот.

„Сакам да ги победам потешкотиите кои ги имаат лицата со инвалидитет и да продолжам со животот кој израелските сили сакаат да го спречат со ограничување на моето движење“, изјави Ахрас.

Тој смета дека занимавањето со спорт е модел кој можат да го користат лица кои загубиле дел од телото и кои отежнато се движат.

Палестинците од Појасот Газа од 30 март 2018 година долж границата со Израел организараат демонстрации наречени „Голем марш за враќање“.

Израелските сили против цивилното население кое бара враќање на територијата од која е протерано и укинување на блокадата на Газа воспоставена во 2006 година, користат муниција. Во интервенциите на израелските сили за време на демонстрациите кои траат подолго од една година, загинаа повеќе од 200 Палестинци, а многумина се ранети.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın