живот

Индонезијка, по 26 години штедење како собирач на отпад, замина на долгопосакуваниот аџилак

„Отсекогаш сум сакала да одам на аџилак“, изјави Маријани за Anadolu Agency (AA) пред да замине за Саудиска Арабија

Ekipa  | 05.08.2019 - Обновена : 06.08.2019
Индонезијка, по 26 години штедење како собирач на отпад, замина на долгопосакуваниот аџилак

ЏAКАРТА (АА) - Откако штедеше цели 26 години, Индонезијка, која работи како собирач на отпад, може конечно да го оствари својот сон, да замине во исламските свети градови Мека и Медина на аџилак.

„Отсекогаш сум сакала да одам на аџилак“, изјави Маријани за Anadolu Agency (AA) пред да замине за Саудиска Арабија.

Годишниот аџилак е религиозна обврска за муслиманите, кои мора да ја извршат барем еднаш во животот, доколку се финансиски и физички способни.

Бидејќи исламскиот календар се заснова на лунарниот циклус, датумот на аџилакот секоја година се менува во однос на другите календари.

Маријани истакна дека нејзината желба да замине на аџилак станала посилна откако нејзиниот сопруг починал во 1980-тите, а таа почнала да штеди пари за аџилак од 1993 година.

Но, во тој период таа не знаела како да заработи дополнителни пари за аџилак, бидејќи останала вдовица со четири деца кои требало да ги подига.

„Така почнав да собирам отпад“, рече Маријани.

Оттогаш, таа собирала отпад од рани зори па сè до повикот за утринска молитва во 5 часот секое утро.

Шеесет и четиригодишната жена собирала отпад, како искористени пластични чаши, шишиња и картон што можат да се продадат.

„По обилните дождови собирав и песок за продавање“, додаде таа.

Бидејќи живее на брегот на реката Киливунг, главната река што минува низ Џакарта, таа често копала и собирала песок од реката и го продавала како градежен материјал. Можела да собере околу пет вреќи со песок на ден и да ги продаде за 8.000 индонезиски рупии (0,56 долари) по вреќа.

Во 2012 година, по нејзиното напорно 20-годишно работење, заштедите на Маријани достигнале 25 милиони рупии (1.750 долари), што е минималната прва исплата потребна за да се регистрира за аџилак во Индонезија во тоа време.

Оттогаш, таа работела напорно собирајќи отпад и песок за да ги исплати преостанатите трошоци во износ од 10 милиони рупии (699,82 долари).

Таа со години не кажувала никому дека штеди за аџилак, ниту на семејството, ниту на роднините.

Дури и нејзините деца не знаеле дека цело време нивната мајка собирала отпад и песок за да ги плати трошоците за аџилак.

Маријани ги известила своите деца во април оваа година, откако ги добила вестите за нејзиниот датум на заминување од страна на индонезиското Министерство за верски работи.

Соседите, кои разбрале за планот на Маријани, беа љубопитни зошто нејзините деца дозволиле Маријани со години да собира отпад за да оди на аџилак. 

„Како можев да ѝ помогнам на мајка ми, не знаев дека собрала пари да замине на аџилак“, рече Дани Мулјана, едно од нејзините деца кое работи во паркинг-служба.

Маријани призна дека 26 години е многу долг период, но рече дека никогаш не се грижела кога ќе дојде денот за на аџилак. 

„Најважно нешто е тоа што заштедив. Што никогаш не се откажав, секогаш бев полна со дух и никогаш не се чувствував уморно“, додаде таа.

Маријани не ги продавала веднаш предметите што ги собирала, туку ги продавала откако ќе се насобереле за период од околу една година.

„Откако ќе се продадеа, добивав околу 1,2 милиони рупии (84 долари) годишно. Ставав настрана еден милион рупии (70 долари), а ги трошев останатите“, вели таа.

Што се однесува до секојдневните трошоци, на Маријани ѝ помагале нејзините деца, од кои повеќето се во брак и живеат одделно.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın