Fuat Kabakçı
07 Јуни 2018•Ажурирај: 07 Јуни 2018
КСИАН (AA) - Рамазанска атмосфера е присутна и во Ксиан, во централниот дел на Кина, град со бројна муслиманска заедница, јавува Anadolu Agency (AA).
Во овој град живее народот Хуи, кинеска муслиманска етничка група, која е една од 56-те етнички групи официјално признати во Кина. Во градот живеат околу 60.000 муслимани.
Ксиан е град кој настанал во периодот на кинеската царска династија Танг, во време кога во оваа област пристигнале првите муслимански патници и трговци. Улицата „Хуимин“ е место каде што претежно се населени муслимани, а во неа преовладуваат ресторани со традиционални јадења специфични за муслиманите од оваа област.
Тоа е, исто така, место каде што може најмногу да се почувствува рамазанската атмосфера.
Рестораните во „Хуимин“, со елементи кои се одраз на кинеската традиција, се преплавени со посетители за време на Рамазан и ифтар.
Сите оние што сакаат да ги пробаат традиционалните јадења во овој град, се упатуваат во улицата „Хуимин“, каде што може да се најдат вкусни колачи од банана, јадења од ориз и соја, сладолед, пијалаци и бисквити.
Освен локалните жители, рестораните во оваа улица за време на Рамазан ги посетуваат многу муслимани од различни делови на светот. Како што се приближува времето за ифтар, концентрацијата на луѓе на улицата е сè поголема.
Меѓу најбараните јадења на ифтарските софри се супа со леб и јагнешко месо, кинески хамбургер, како и други јадења од тесто и мелено месо.
По ифтарот следува терави-намаз, ноќна молитва за време на Рамазан. Муслиманите во Ксиан молитвата ја одржуваат во една од најстарите џамии во градот, Големата џамија во Ксиан, стара 13 века.