Ferdi Uzun
05 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
АЈДИН (АА) - ФЕРДИ УЗУН - Семра Унал, жена-претприемач која постигна успех со „чипс од смоква“, производ што го разви во подрачјето Кујуџак во турскиот град Ајдин, ги зголеми своите приходи со новиот производ, суво јапонско јаболко, кој го добива со специјален метод на сушење, и обезбеди работно место за 20 жени во подрачјето, пишува Anadolu Agency (AA).
По постигнатиот успех со чипсот од смоква, Унал беше поканета на прием во претседателскиот комплекс, каде што се сретна и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Таа придонесе да се зголеми вредноста на јапонското јаболко, што многу се одгледа во подрачјето.
Унал со природни методи успеа да добие сушено јапонско јаболко. Со цел да види дали производот ќе се продава, таа на клиентите што купиле чипс од смоква им нудела да го вкусат новиот производ. Унал се охрабрила од позитивните реакции и од побарувачката, и почнала да го продава овој производ преку интернет.

Унал, 41-годишна мајка на три деца, во изјава за АА истакна дека пред две години почнала со процесот на сушење на јапонското јаболко, но повеќе била фокусирана на чипсот од смоква. Таа истакна дека оваа година е фокусирана повеќе на сувото јапонско јаболко.
Како што рече Унал, минатата година заедно со 20-те пријателки од подрачјето, произведеле 1 тон суво јапонско јаболко, а оваа година поради тоа што производот е повеќе побаран, производството го зголемиле на 5 тони.
„Едно по едно, ги лупиме јапонските јаболка и ги редиме на жичани мрежи кои се отворени од долната страна. Потоа ги оставиме да се сушат во стаклените градини. За да не мувлоса овошјето, отвораме одредени места на стаклената градина заради вентилација. Од четири килограми свежо овошје добиваме еден килограм сув производ. Кога производот се суши, добива вкус многу сличен со вкусот на урмата“, нагласи Унал, истакнувајќи дека во подрачјето работат речиси како во фабрика.

Унал информираше дека во минатото во овие краеви имало голем број стебла јапонско јаболко, но тие биле исечени и на нивно место биле насадени смокви и маслинки. Таа нагласи дека ова овошје во последно време повеќе се консумира свежо, а со цел да се зголеми приходот, јапонското јаболко почнале да го сушат.
- „Турска урма“ -
Унал рече дека сувото јапонско јаболко го нарекле „турска урма“. „Чипсот од смоква за нас беше многу голем успех. Исто така, како што е смоквата, и јапонското јаболко е еден вкус на ова подрајче. Одлучивме да го сушиме. Ова овошје, исто како смоквата, може да остане свежо најмногу 2 дена. Колку повеќе се чека, повеќе губи од својата свежина. Затоа сакавме да го сушиме и да имаме профит. Резултатот беше многу добар. Големото количество на нарачката на овој производ ни покажа дека сме на вистински пат“, пренесе Унал.

Таа вели дека во подрачјето постои верување оти производот е добар за болести на цревата. „Свежото јапонско јаболко се продава за три турски лири по килограм, а ние моментално сувото јапонско јаболко го продаваме за 30 лири. Оваа година ќе произведеме 5 тони суво јапонско јаболко. Има голема побарувачка. Можам да кажам дека испорачуваме во сите краеви на Турција. Добиваме нарачки и од странство. Благодарение на овој производ, обезбедивме работно место за 20 жени во подрачјето. Целта ни е да обезбедиме работа за сите жени во градот“, истакна Унал.
Унал ги суши смоквите што не биле продадени свежи и прави чипс од смоква. Таа со помош на ќерка си, дипломирана од факултетот за бизнис-менаџмент, го подготвила проектот и ја зголемила својата бизнис поддршка добиена од програмата „Млад земјоделец“, на турското Министерство за храна, земјоделство и сточарство.