Mustafa Deveci,Esat Fırat
30 Мај 2021•Ажурирај: 02 Јуни 2021
ГАЗА
Есат Фират/Мустафа Девеџи
Во израелските напади врз Газа загинаа 254 Палестинци, меѓу кои 66 деца и 39 жени, а ранети се 1.948 лица.

Меѓу децата на кои прерано им е прекинато детството е и 11-годишното палестинско девојче Рафиф Ебу Дајир.
На последниот цртеж што го работела и што остана недовршен, се наоѓа и турско знаме.

Загина во текот на семејниот ручек на 17 мај. Во нападот, изведен врз деловен центар, убиени се палестинското девојче и нејзиниот чичко Зијад Ебу Дајир. Убиени се во дворот од куќата.
Семејството Дајир има девет деца, а Рафиф беше едно од најомилените. Зад неа останаа моливот и цртежите...
На последниот цртеж, што остана недовршен, Рафиф нацртала еден дел од зградата, во близина на куќата, уништен во израелските напади, иако тој напад сè уште не беше извршен.
Покрај таа зграда ги нацртала и знамињата на некои арапски земји, како и турското знаме.
Трагите на нападите сè уште се свежи.

Недовршениот семеен ручек, украсите по повод Рамазан, светиот месец кај муслиманите, сè уште се во дворот на ова палестинско семејство и сведочат за размерот на израелските напади.
Хлид Ебу Дајир, чичко на убиеното девојче, изјави дека Рафиф е убиена седум дена пред роденденот.
„Преубавото девојче беше милениче на таткото Мурсит и мајката Маха. Имаше само 11 години. Сакаше да биде лекар и да ги лекува децата. Меѓутоа, нејзините соништа не се исполнија“, раскажа Ебу Дајир во разговор за Агенција Анадолија (АА).
Поминаа две седмици од смртта на девојчето.
„Сè уште сме во шок. Таткото не разговара со никого, а ниту мајката. Само плаче“, рече Ебу Дајир.
Рафиф сакаше да црта.
„Во моментот на смртта доживеавме нешто чудно. Црташе зграда која е погодена, а гелерите ја погодиле неа и нејзиниот чичко. Зградата ја црташе пред смртта“, рече Ебу Дајир.
Потсети на уште еден напад што два дена пред загинувањето на Рафиф се случил во близина на нивната куќа, а во кој загинале 43 лица.
„Меѓу загинатите беа двајца школски другари на Рафиф. Беше многу тажна поради тоа и плачеше. Влегуваше во собата и ја црташе оваа зграда. Не знаеме што беше во нејзината глава, но зградата ја нацрта без еден дел, не знаеме дали нацрта како да е уништен или како да недостасува“, појасни Ебу Дајир.
Како што рече, цртежот останал недовршен.
„На цртежот се знамињата на некои арапски земји и турското знаме. Сите ја сакаме Турција“, рече Ебу Дајир.
Потсети дека во израелските напади се убиени 66 деца.
„Поради кое злосторство се убиени овие деца? Ја прашувам „државата Израел“, оваа држава која тврди дека ги брани човековите права. Ги уби овие деца. Дали овие деца беа меѓу целите за кои најавивте дека ќе ги погодите? Ја прашувам „државата Израел“ зошто ги уби овие 66 деца, вклучувајќи ја Рафифа? Само да одговори на тоа“, додаде Ебу Дајир.