Cihan Okur
28 Мај 2019•Ажурирај: 30 Мај 2019
АМАСИЈА (АА) - ЏИХАН ОКУР -
Билкар од централна Турција на локалното население му нуди специјален напиток направен со 40 видови зачини и хербални производи, чиј оригинален рецепт датира од пред 600 години, пишува Anadolu Agency (AA).
Пијалакот е традиционалниот османлиски „шербет“, кој бил многу популарен во текот на османлискиот период.
Пред околу десет години, билкарот Аднан Јилдирим, кој живее во Мерзифон, во турската област Амасија, излезе со идејата повторно да го подготвува, но според оригиналниот рецепт.
„Моето семејство во последните пет генерации се занимава со билкарство и се обидува да пронајде лекови за луѓето. Го пронајдов овој оригинален рецепт уште во 2008 година, кога пребарував во библиотека за стари ракописи во Амасија. Потоа, од дигиталните примероци, го зедов точниот рецепт, кој вклучува 40 видови билни производи“, рече тој.
Рецептот бил напишан од доктор Сабунџуоглу Шерафедин, кој исто така живеел во Амасија во 14 и 15 век, во времето на османлиските султани Мехмед II Освојувачот и Бајазит II.
Основните состојки во рецептот се мешавина на зачини, цветови и овошни екстракти варени со шеќер и вода.
Познати по своите лековити дествија против многу болести, различни видови шербети редовно биле дел од оброците во османлискиот период, а особено во жешките летни денови, шербетите биле служени на гостите како освежување.
Денес, таквите традиционални пијалаци се популарни, особено за време на ифтарот во месецот Рамазан.
„Особено за време на месецот Рамазан, шербетот може да биде главен пијалак, а не алтернатива, кој може да го среди нашиот дигестивен систем и да го олесни 18-часовиот период на пост со спречување на чувството на глад и жед, и одржување на телото посилно“, вели Јилдирим.
Во семејната продавница за билки, тој продава лековити билки, како и зачини, есенцијални масла, цветни екстракти и слични производи. Но славата му ја донесе тој посебен османлиски шербет, исто како и на разните продавачи на шербет во османлискиот период.