Ahmet Sertan Usul
03 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - АХМЕТ СЕРТАН УСУЛ -
Сѐ повеќе има примери на необични пријателства во животинскиот свет, а едно од таквите е и пријателството помеѓу куче и гуска, кои живеат во Анкара, Турција, пишува Anadolu Agency (AA).
Златен ретривер и гуска пораснале заедно, па и нивното пријателство започнало уште додека биле младенчиња. Тие со своите сопственици шетаат по улиците и така предизвикуваат внимание кај минувачите.

Сопственикот Оркун Ѓунен изјави дека семејството многу сака животни и дека прво почнале да се грижат за кучето.
Кучето по име Дост сѐ уште било мало кога ја добило својата пријателка, гуската Зинџир. Тој ран контакт бил еден од пресудните фактори за пријателството кое се развило многу брзо.

Ѓунен додаде дека кучето и гуската не се раздвојуваат.
„Во сплетот на околностите, Дост и Зинџир станаа многу добри пријатели и постојано се бараат едно со друго. Моментално живеат во ист двор, спијат во иста куќичка. Јадат од ист сад и заедно се бањаат“, изјави Ѓунен, и додаде дека тие трчаат и по иста играчка.

Сепак, гуската не е пријателски настроена кон гостите.
„Кога некој непознат доаѓа во нашиот дом, Зинџир се обидува да го заштити Дост. Гуските кога ќе се налутат, можат да бидат многу агресивни, но Зинџир е многу блага кон Дост и кон домашните“, појасни Ѓунен.