Besim Milah
25 Јануари 2017•Ажурирај: 26 Јануари 2017
БИХАЌ (АА) - Нермин Халилагиќ (39) од Бихаќ, Босна и Херцеговина, открил дека метални и пластични предмети можат да се залепат за него. Тоа се случи неочекувано, пред неколку дена без некоја посебна причина.
„Сопругата, синот и јас седевме на маса и појадувавме кога мојата лажица одеднаш се залепи за градите. Така и започна. Единственото нешто што е посебно за тој ден е што претходната ноќ го сонував моето семејство, и сето она што ќе се случува тој ден“, вели Халилагиќ во разговор за Anadolu Agency (AA).
Нермин работи како касап во локалниот трговски центар, а кога го открил феноменот бил на годишен одмор. Колегите од работа му дошле во посета и со неверување ределе лажици, метални садови и пластика на неговото тело.
„Се истуширав, но се повтори истото. Моите колеги се обидуваа да ги редат лажиците по себе, смеејќи се на неуспешните обиди. Мојата сопруга беше исплашена, а родителите сѐ уште ме немаат видено, па ни самиот не знам што да правам со ово и дали тоа ќе го промени мојот живот“, вели Нермин.
Тој живее во Бихаќ како потстанар, а месарскиот занает го научил од својот вујко, кога имал само 14 години. Иако е со најмал раст меѓу колегите, кај месарите е познат по тоа што е најсилен. Тој покажа снимка на мобилниот телефон, на којашто се гледа дека единствено тој бил во можност да носи цели говедски полутки.
„Сега, кога ќе размислам, само едно нешто би издвоил како необично во својот живот, а тоа е дека имав многу тешки падови. Како млад имав сообраќајна несреќа на голем мотор без заштитен шлем, само во шорцеви, имав директен судир со автомобил. Двете нозе ми беа превртени наопаку. Луѓето што ме внесоа во автомобил за да ме однесат во болница, не обрнаа внимание и ме кренаа за нозете, и така не сакајќи ми ги исправија, па во болницата по сѐ поминав речиси без гребнатинка. Како дете излетав со санката под камион. Секогаш нешто ме спасуваше“, вели месарот.
Со оглед на новооткриената дарба, Нермин е подготвен да ги истражува. Тој вели дека успеал да му го олесни проблемот со колкот, а на неговата сопруга со еден допир ѝ ја отстранил болната грутка на нејзината рака.
„Седевме на маса и јас ја ставив својата рака над нејзината, по што таа веднаш вресна, велејќи дека се чувствувала како да сум ѝ скршил прст, но јас не го направив тоа, а грутката веднаш исчезна “, рече Нермин.
На крајот, подготвен да продолжи да експериментира, рече дека би сакал да му се јави некој болен што досега се обидел со сѐ и нема што да изгуби. Се разбира, без големи очекувања, затоа што ништо не може да вети, но Нермин Халилагиќ вели дека би бил среќен ако сега може да им помага на луѓето.
Но, неговото семејство се надева дека сето ова помине, бидејќи по малку се исплашени. Тие побараа мислење од лекар, нивен семеен пријател кој им кажал дека нема простор за страв и загриженост само што сега не смее да ја користи магнетната резонанца и други слични медицински процедури.
Но тоа никогаш не ми ни беше потребно, рече Халилагиќ истакнувајќи дека никогаш не бил болен и дека постојано се чувствува здраво како дрен.