Dildar Baykan
13 Април 2017•Ажурирај: 14 Април 2017
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Истражувачи од Технолошкиот институт „Џорџија“ во Соединетите Американски Држави (САД), од Универзитетот за технологија и дизајн во Сингапур, како и од Универзитетот „Сиан Џиатонг“ во Кина, развија нов метод на тридимензионални (3Д) принтери за производство на предмети коишто доколку бидат изложени на топлина се виткаат или пак се зголемуваат, јавува Anadolu Agency (AA).
Благодарение на новиот метод за формирање полимерни слоеви што имаат меморија за паметење на новиот облик, истражувачите постигнаа секој слој различно да реагира кога е изложен на топлина. Предметот сличен на кафез, кој се добива со овој метод, во контакт со топла вода може да се зголеми до 8 пати.
Предметите за кои станува збор истовремено ја зачуваат својата форма.
Истражувачите истакнаа дека исто така и претходно произведувале предмети што ја менуваат формата со помош на 3Д-техниката, но овие предмети коишто биле произведени од многу меки гелови, за да го сменат обликот требало долго време да бидат изложени на топлина, а по извесно време се враќале во старата форма.
Проектот финансиран од страна на Воздухопловните сили на САД, како и од страна на Националната научна фондација на САД, е објавен во списанието „Научни достигнувања“ (Science Advances).