ЛОНДОН
Ахмет Гурхан Картал/Хасан Есен
Иако поминаа 173 години од настаните кога Османлиите во времето на најголемиот недостиг на храна пружија помош на народот на Ирска, жителите на оваа земја сѐ уште го спомнуваат овој хуманитарен гест и великодушност на Османлиите и нивниот султан Абдулмеџид, пишува Агенција Анадолија (АА).
Недостигот на храна во Ирска траеше од 1845 до 1851 година кога од Големата глад починаа милион жители на Ирска, додека околу два милиони мораа да избегаат во другите земји.
Откако ја слушнал веста за недостигот на храна во Ирска и проблемите со кои се соочува тамошното население, султанот Абдулмеџид донел одлука да спроведе хуманитарна акција во вредност од 10 илјади фунти, во сегашна вредност нешто повеќе од милион фунти или 1,3 милион долари.
Кога англиската кралица Викторија дознала за овој хуман гест, изјавила дека од тоа може да прифати само 2.000 фунти, а нејзините советници во Лондон одбиле да прифатат секаква понуда која ја надминува помошта на монарсите.
Соочен со овој изненадувачки предлог, султанот го намалил износот и на Ирска ѝ испратил 1.000 наместо 2.000 фунти.
Султанот Абдулмеџид, сепак имал намера да пружи многу поголема поддршка од паричната, и на крајот во знак на солидарност со ирскиот народ испратил помош која се состоела од три брода полни со храна, лекови и други потребни производи.
Со оглед на тоа дека британската морнарица не дозволувала пристигнување на странските бродови на пристаништата во главниот град Даблин ниту во Корк, османлиските бродови морале да патуваат понатаму кон северот и да ја достават помошта на пристаништето Дрогеда, еден од најстарите ирски градови чии жители не го забораваат хуманиот гест на Османлиите од 19 век.
Левент Муртат Бурхан, амбасадорот на Турција во Даблин, во разговор за Агенција Анадолија (АА) истакна дека ирскиот народ не ги заборавил великодушноста и помошта на Османлиите, што ги овековечиле и со подигнување на спомен-плоча и на бројни други начини.
На зградата на градот Дрогеда во 1995 година е поставена спомен-плоча со натпис „Големата глад во Ирска од 1847 година - во знак на сеќавање и признавање на великодушноста на народот на Турција кон народот на Ирска“. Исто така, во знак на благодарност на официјалниот амблем на градот Дрогеда е додаден и османлискиот знак на полумесечина.
Во една од централните улици во Ирска се наоѓа и плакета на која граѓаните на Ирска му се заблагодаруваат на османлискиот народ за пријателскиот чин и за солидарноста.
Во знак на благодарност, тогашните функционери во Ирска упатија писмо на благодарност и пријателство на османлискиот султан Абдулмеџид.
Освен тоа, Мери Мекалис, поранешната претседателка на Ирска, во 2010 година, за време на посетата на Анкара, изјави дека нејзината земја и народот никогаш нема да ја заборават великодушноста на Османлиите.
Граѓаните на Ирска беа воодушевени со ваквиот пријателски чин и во знак на благодарност и на амблемот на Дрогеда Јунајтед, најголемиот фудбалски клуб во земјата, го ставија османлискиот знак на полумесечината.
Постојат и писма во кои Ирците изразуваат благодарност на Османлиите за големата помош, а копија на едно од нив, во кое пишува дека ирскиот народ најискрено им се заблагодарува на Османлиите и на султанот Абдулмеџид за сесрдната помош во моментите кога најмногу им била потребна, амбасадорот Бурхан му ја покажа и на репортерот на АА.
Во писмото е забележано дека Ирците „немаат друг избор туку да се потпрат на помошта и даровите на другите земји кои страдаа помалку“, за да се спасат себеси и своите семејства од глад.
„Одговоривте на повикот за помош. За оваа правовремена и великодушна помош која спаси десетици наши сограѓани од смртта, длабоко сме ви благодарни“, се наведува во писмото.
Великодушноста на османлискиот султан е пофалена и во верското списание во тоа време во текстот насловен „Султан филантроп“.
„Првпат муслимански владетел, кој претставува огромна исламска популација, покажа топла наклонетост кон христијанскиот народ. Нека ова сочувство биде присутно во сите заеднички добротворни установи на човештвото и нека од денес се одржува меѓу следбениците на полумесечината и крстот“, се наведува во текстот.
Дури и во еден ирски националистички весник османлискиот султан е споменат како „добар, љубезен и великодушен човек“ и забележано е дека таквиот став на некого кој верува во ислам, претставува пример за христијаните.
Џејмс Џојс, ирски романописец, исто така во романот „Улис“, кој зазема важно место во историјата на книжевноста, ја спомена помошта на султанот Абдулмеџид кон ирскиот народ.
Турскиот амбасадор Бурхан истакна дека неколкупати го посетил градот Дрогеда и дека локалните политичари секојпат го дочекувале срдечно, додавајќи дека на секој чекор може да се почувствува благодарноста кон турскиот народ.
news_share_descriptionsubscription_contact
