Esra Hacıoğlu
14 Мај 2019•Ажурирај: 15 Мај 2019
ИЗМИР (АА) – Погодена од драмата на сириските мигранти, Ане Орорк од Ирска ги остави трите сина и сопругот во својата земја, и во рамките на активностите на здружението кое го основа во Измир се обидува да им помага на сириските жени и деца кои избегаа од војната во земјата.
Како што раскажа во разговор за Anadolu Agency (AA), Ане Орорк, со драмата на Сиријците кои се принудени да ја напуштат својата земја поради Граѓанската војна, се запознава пред четири години од телевизија. Од тој момент почнува да дејствува за да им помага на лицата кои се уништени од војната и заминува во Грција.
Орорк, откако забележува дека врз тие луѓе во границите на Европа се фрла со гумени куршуми и солзавец, доживува шок и потоа заминува за Измир.
За поддршка на Сиријците во Измир, Орорк ја формира невладината организација „Меѓународно помагање и интеграција“. За тоа изнајмува една стара фабрика за чевли во населбата Тепеџик, а организацијата ја финансира од сопствени заштеди.
Орорк, заедно со 10 волонтери од различни земји, во рамките на невладината организација го отвора Општествениот центар, кој се состои од место за јадење, игралишта и спортски катчиња за деца, работилници за занаети и сликарство, училници и оддел за рехабилитација.
Во центарот секој ден се дели бесплатна храна за околу 160 Сиријци, а на 49-мина повредени во Граѓанската војна им се нуди физикална терапија од физиотерапевти волонтери.
Исто така, во центарот, за децата се одржуваат курсеви по дизајн, сликарство и уметност, додека преку социјалните медиуми се нудат бесплатни консултантски услуги за Сиријците.

- Работилница за мечтаења
Во разговорот, Ана Орорк, истакна дека турските наставници волонтери организираат курсеви за сириските деца за лекциите кои не можат да ги разберат на училиште, и дека понекогаш на тие курсеви присуствуваат и турските деца.
Орорк, истакнувајќи дека образованието на овие деца е многу значајно за иднината на Турција, рече: „Со поканата турските деца да присуствуваат на овие курсеви обезбедуваме да се забавуваат со децата од Сирија. Децата побргу го учат турскиот јазик. Тие не прават разлика кој е Сириец, а кој Турчин.“
Понатаму, во својата изјава нагласи дека за мајките и децата организираат и работилници за нивните мечтаења.
- „Трите сина и сопругот ги оставив во Ирска“
Наведувајќи дека децата и сопругот ја поддржуваат во нејзините активности, Орорк нагласи: „Трите сина и сопругот ги оставив во Ирска и дојдов тука. Овој центар го организиравме со помошта на мојот сопруг и на моите пријатели. И луѓето почнаа да ни помагаат. Сега постојано се зголемуваме, но имаме потреба од уште поголема поддршка.“
Мејрем Шејх Хусеин, истакнувајќи дека во Граѓанската војна го загубила својот син, рече дека нема информации за тоа каде се наоѓа нејзиниот сопруг. Таа во центарот доброволно готви храна за лицата кои имаат потреба.
Хусеин рече дека заедно со нејзините деца учи турски јазик, и дека нејзината ќерка која е со посебни потреби оди на физикална терапија.
„Турција за нас ги отвори вратите и ни даде една шанса. Најдовме куќа за да се сместиме. Можеме децата да ги праќаме на училиште. Луѓето се многу добри, ние сме браќа по религија. Колку и да се заблагодаруваме на турскиот народ, тоа е малку“, рече Мејрем Шејх Хусеин.