Животот повторно заживува во кампот Јармук кај Дамаск, едно од најразурнатите подрачја во војната во Сирија
По падот на сирискиот режим на 8 декември 2024 година, семејствата што беа насилно раселени за време на војната или кои избегаа од кампот за да ги заштитат своите деца и побараа засолниште во побезбедни подрачја почнаа да се враќаат во Јармук
ДАМАСК (АА) - ЕШРЕФ МУСА -
И покрај големиот степен на разурнување предизвикано од војната, кампот Јармук во Дамаск, Сирија, почна да заживува со враќањето на илјадници семејства и покрај сериозниот недостиг на вода и основни услуги, пишува Анадолу.
Кампот Јармук, кој зафаќа површина од 2,1 квадратен километар јужно од Дамаск, беше едно од најоштетените подрачја за време на 14-годишната војна.
Речиси 20 проценти од градбите во населбата беа целосно уништени, а уште 20 проценти делумно уништени од гранатирањето.
Повеќето од преостанатите куќи беа разурнати и ограбени од режимските сили, а според одговорните на кампот, досега во Јармук се вратиле 7.500 семејства.
По падот на сирискиот режим на 8 декември 2024 година, семејствата што беа насилно раселени за време на војната или кои избегаа од кампот за да ги заштитат своите деца и побараа засолниште во побезбедни подрачја почнаа да се враќаат во Јармук.

Иако условите и понатаму се несоодветни, жителите на Дамаск се обидуваат да ги обноват своите животи меѓу урнатините, надевајќи се дека ќе се врати сјајот на нивните стари населби.
Семејствата се принудени да се населат во згради за кои постои опасност да се урнат поради финансиските ограничувања за нивно поправање.
- „Фала Богу што се вративме, го отворив мојот бизнис“ -
Азизедин Ахмед Есмер за Анадолу раскажа дека го напуштил кампот Јармук со семејството во 2015 година и се засолнил во населбата Небик во Дамаск.
Велејќи дека изгубил многу роднини и соседи во нападите за време на војната, Есмер искажа радост што по толку години се вратил во Јармук со семејството.

Есмер, кој се обидува да преживее отворајќи мала продавница за зеленчук на приземјето на делумно урната зграда, ја опиша живата атмосфера во кампот пред војната: „Јармук беше населба што никогаш не спиеше.“
„Ова е место на моите браќа, моите пријатели, луѓето што ги сакам. Пораснавме во кампот, живеевме тука. Фала Богу, се вративме и го отворив мојот бизнис“, рече Есмер.
- „Постепено го обновуваме кампот“ -
Потсетувајќи дека Јармук бил еден од најживите делови на Дамаск пред војната, Есмер рече: „Во кампот не се спиеше. Можеше да се најде сè што ќе посакате во 2 часот наутро, 5 часот наутро или 6 часот наутро. Луѓето беа меѓусебно поврзани, полни со живот. Војната уништи сè. Бевме под тешка опсада 90 дена и многумина загинаа. Но, фала Богу, се вративме.“

Тој рече дека и покрај загубата на многу негови роднини, се обидува да се одржи во живот и изрази верување дека кампот ќе се обнови.
„Полека го реорганизираме кампот. Со Божја помош, нашите куќи ќе бидат поправени. Луѓето ќе се вратат во своите домови и покрај најблиските. Никој не може да биде среќен далеку. Среќни сме, фала му на Бога што се вративме“, рече Есмер.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
