Leyla Ataman Koyuncuoğlu
30 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
АНТАЛИЈА (АА) - Секоја година луѓето издвојуваат сè повеќе пари за да изгледаат помлади и поубави, а козметичкиот сектор во Турција се проценува на околу две милијади долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Зехра Асиран Сердар, професорка на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Бахчешехир“, изјави дека жените и мажите секој ден издвојуваат сè повеќе средства и вложуваат во својот изглед, и дека станува збор за тренд кој константно расте.
„Немаме точни податоци, но последните истражувања покажуваат дека козметичката/естетската економија во Турција се проценува на две милијарди. Годишниот раст на секторот во просек изнесува околу десет отсто. Турција влегува меѓу првите десет земји, кога станува збор за овој сектор. Сметаме дека секторот ќе продолжи да расте во иднина“, додаде Сердар.
Таа потсети дека луѓето не сакаат да одмораат десет дена по операцијата.
„Не сакаат да бидат подложени на оперативен зафат, туку веднаш да се вратат на секојдневниот живот. Поради тоа, во секторот се застапени методи за кои не е потребен оперативен зафат и кои се безболни“, појасни Сердар.
Таа додаде дека жените, но и мажите, најмногу се одлучуваат за третмани со ботулински токсин (ботокс), дермални филери, мезотерапија, ПРП-третмани, а по нив следуваат пресадување коса, корекција на нос, ласерски третмани и третмани од пластичната хирургија.
Сердар укажа дека мажите покажуваат сè повеќе интерес за козметичките производи и естетските третмани.
„Иако нема прецизни податоци, уделот од третманите на мажи е околу 30 отсто. Од секои 100 лица што бараат козметички/естетски третман, 70 се жени, а 30 мажи. Мило ми е поради тоа, убаво е што мажите сè повеќе вложуваат во својот изглед“, смета Сердар.
Таа појасни дека мажите издвојуваат најмногу средства за епилација и трансплантација на коса.
Сердар изјави дека козметичките третмани се особено важни и дека за нив не треба да се одлучи некој без да се консултира со дерматолог.
„Важно е она што пациентот го сака, што ве вознемирува, со што не сте задоволни? Но погрешно е да се прави на секој сè што ќе посака, сигурно дека за тоа треба да одлучи дерматолог. Можеби она што сакате да го коригирате не одговара на вашот тип на кожа, па е потребно да се посоветувате со дерматолог. Постојат наводи дека третманите со филери, мезотерапија и ПРП се работат во фризерски салони, во салони за убавина, па дури и во домови. Тоа е многу ризично“, предупреди Сердар.