спорт, живот

Ангелина Булеска, единствена на Балканот која тренира гимнастика на коњ

- „Ако сакате да се посветите на некој спорт и ако навистина ви значи, треба да му се посветите колку што можете и да работите најмногу што можете за да постигнете резултат“, вели Булеска.

Edıta Zekjırovıkj  | 21.05.2022 - Обновена : 23.05.2022
Ангелина Булеска, единствена на Балканот која тренира гимнастика на коњ Фото: Никола Булески

СКОПЈЕ (АА)

- Едита Зеќировиќ

​​​​​​​

Волтажирање или пак, гимнастика на коњ, е еден од најспектакуларните спортови каде покрај вештината и посветеноста на самиот спортист е особено забележлива и совршено изградената хармонична врска помеѓу човекот и животното како тим.

Се појавува во периодот кога се изведувале Римските игри пред околу 2.000 години, а неговата популарност помеѓу јавачите до денеска воопшто не е намалена.

Иако во Северна Македонија не постои клуб каде може да се практикува волтажирање, тоа не ја спречува 13-годишната Ангелина Булеска да се занимава со овој спорт. Таа за Агенција Анадолија (АА) раскажа за предизвикот при остварувањето на својот сон.

„Јас сум Ангелина Булеска, јас сум единствената на Балканот што тренира волтажирање“, вели Булеска.


- Како тренира и каде?

Булеска се вљубува во коњите на свои три години, љубовта кон нив ја насочува кон волтажирањето, а потрагата за неговото усовршување ја носи надвор од границите на земјата.

„Во Македонија можам само да вежбам гимнастички елементи и да вежбам вежби за сила за да може полесно да ми биде качувањето на коњот и за вежбите на коњ да можам подобро да ги правам кога ќе одам во Холандија“, вели Булеска.

Булеска веќе пет години ги извршува своите тренинзи во Де Витехејт во Холандија, а водена од тренерот Мета Јанс, на 22 април, таа ја претстави Република Северна Македонија на „CVI Grote-Brogel“ во Пер, Белгија.

„Кога вежбам во Холандија прво вежбам на берел што е дрвен коњ, кој е статичен, прво вежбам на него, потоа вежбам малку на земја за да се истегнам. Одам да го спремам коњот, го чистам и го ставам седлото и потоа тренерот го загрева коњот додека и јас се истегнувам и трчам. Потоа вежбам на коњот“, вели Булеска.


- Мотивација за помладите спортисти

„Волтажирањето може да се практикува индивидуално или пак во група, тој што изведува гимнастика на коњот односно волтажерот мора да воспостави рамнотежа, ритам и координација, а исто така е важно да има самодоверба кога изведува вежби на коњот“, раскажува Булеска.

„Најинтересно ми беше кога еден час требаше да вежбам паѓање, ми беше шок кога требаше тоа да го учам, како да паднам од коњ, бидејќи може секогаш да се случи да се лизнеш, да паднеш, коњот да застане, но во ред е да паднеш, ќе се качиш пак“, вели Булеска.

Нејзината упорност и истрајност посакува да бидат пример на младите кои наидуваат на потешкотии во светот на спортот, упатувајќи порака дека ништо не е невозможно ако навистина се сака.

„Ако сакате да се посветите на некој спорт и ако навистина ви значи, треба да му се посветите колку што можете и да работите најмногу што можете за да постигнете резултат“, вели Булеска.

​​​​​​​

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.