Lokman İlhan
20 Август 2017•Ажурирај: 21 Август 2017
ГВАЈАКИЛ (АА) - Она по што паркот „Семинарио“ во градот Гвајакил, Еквадор, се разликува од другите паркови е тоа што претставува дом за голем број игуани, јавува Anadolu Agency (AA).
Паркот се наоѓа во населбата Рокафуерте, во градот Гвајакил, кој има над три милиони жители.
Иако е познат по името Боливар, многу туристи, но и локални жители го нарекуваат со заслуженото име, Парк на игуаните. Овој помал зелен простор, кој постои од крајот на 17 век, името го менуваше неколкупати.
Не е познато кога игуаните го населиле овој парк.
Претставникот на паркот истакна дека игуаните често умираат поради падот од дрвјата.
Според него, доколку игуаната падне на трева, животот претежно го продолжува на земја, но оние помалку среќните што ќе паднат на бетон, треба да ги преживеат критичните 48 часа.
„Доколку игуаните во текот на следните два дена нешто јадат или пијат, имаат шанса да преживеат, во спротивно ќе умрат во рок од неколку ден“, рече претставникот, кој додаде дека често ги предупредуваат посетителите на паркот, особено децата, да не ги вознемируваат животните.
Игуаните кои преферираат живеалишта во кои владее тропска клима, поголемиот дел од својот живот го минуваат на дрвјата.
Многу од нив растат до два метра и живеат до 20 години, а најголем дел од нив се населени во Средна и Јужна Америка.