Црна Гора блиску до воведување седумчасовен работен ден
Премиерот Милојко Спајиќ рече дека по обемно разгледување на модел што би ги задоволил синдикатите и работодавачите, „можеме да заклучиме дека сме блиску до решение во врска со воведувањето на седумчасовен работен ден“

СКОПЈЕ (АА) - Црна Гора е блиску до решение за намалување на работното време на седум часа на ден, најави премиерот на земјата, Милојко Спајиќ, пренесува Анадолу.
Во објава на социјалните мрежи, Спајиќ рече дека по обемно разгледување на модел што би ги задоволил синдикатите и работодавачите, „можеме да заклучиме дека сме блиску до решение во врска со воведувањето седумчасовен работен ден“.
Тој рече дека почнувајќи од следната недела, министерката за труд и социјална политика, Наида Нишиќ, ќе стапи во разговори во рамките на социјалниот дијалог со претставниците на синдикатите и работодавачите, каде што ќе се „кристализира“ конечната верзија на оваа реформа.
„Целта е преку широки консултации да се спроведе една од најголемите реформи во областа на трудот, која има за цел да го подобри квалитетот на животот на нашите граѓани и да обезбеди повеќе време за семејствата, како и поефикасна и попродуктивна работа“, изјави Спајиќ.