економија

Турција и Северна Македонија потпишаа меморандуми за разбирање во областа на земјоделството

Во рамки на посетата биле потпишани два меморандуми за соработка помеѓу Владата на Северна Македонија и Турција во областа на водостопанството и шумарството, како и договор за соработка во областа на ветеринарната политика и безбедност на храната

Enes Duran  | 21.01.2021 - Обновена : 22.01.2021
Турција и Северна Македонија потпишаа меморандуми за разбирање во областа на земјоделството

АНКАРА

Турција и Северна Македонија потпишаа меморандуми за разбирање и договор за соработка во областа на земјоделството, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според писменото соопштение на турското Министерство за земјоделство и шумарство, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, Аријанит Хоџа, и министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, Насер Нуредини, ја посетија Турција.

Двајцата министри во Владата на Северна Македонија во овие рамки во Анкара се состанаа со турскиот министер за земјоделство и шумарство, Бекир Пакдемирли.

На состанокот, министрите разговараа за бројни различни теми, како инвестициите, земјоделската трговија помеѓу двете земји, земјоделските осигурувања и земјоделското истражување и трговијата со шумски производи, како и за спречувањето на сушата.

- „Турција ќе продолжи да стои покрај своите пријатели од Северна Македонија“

Турскиот министер Пакдемирли се осврна на донацијата од медицинска опрема на Турција за Северна Македонија извршена за време на пандемијата на Ковид-19, и рече: „Турција ќе продолжи да стои покрај своите пријатели од Северна Македонија“.

Пакдемирли ги поздрави ефективните и динамични односи помеѓу двете земји, и рече дека покрај пријателството и соработката на политичко ниво, и турската заедница во Северна Македонија, како и граѓаните на Турција со потекло од Северна Македонија, уште повеќе ги зближуваат двете земји.

Според него, и покрај пандемијата, турските инвестиции во Северна Македонија продолжиле и во 2020 година, чија сума изнесува 1,3 милијарди долари. Тој нагласи дека во Северна Македонија се наоѓаат околу 100 турски фирми, кои нудат работа за околу 5.000 лица, истакнувајќи дека ТИКА во Северна Македонија од 2005 година досега реализирала околу 1.000 проекти во вредност од над 100 милиони долари.

Турскиот министер рече дека бројките од билатералната трговија не го достигнале посакуваното ниво, додавајќи дека според податоците од 2019 година, Турција во Северна Македонија извршила извоз во вредност од 398,3 милиони долари, од кои 26,3 милиони долари биле земјоделски производи.

Пакдемирли нагласи дека во рамки на договорот потпишан во областа на ветеринарните услуги и безбедност на храна, во најкраток рок ќе започнат потребните состаноци за да се направат чекорите во насока на лиценцирањето во Северна Македонија на вакцините и лековите произведени во Турција, како и за олеснување на извозот.

Од друга страна, во соопштението на Владата на Северна Македонија се нагласува дека во рамки на посетата биле потпишани два меморандуми за соработка помеѓу Владата на Северна Македонија и Турција во областа на водостопанството и шумарството, како и договор за соработка во областа на ветеринарната политика и безбедност на храна.

„Двете земји во областа на водостопанството ќе соработуваат во насока на одржливо управување со водни ресурси, приспособување кон климатските промени и создавање можности за нови инвестиции, и преку спроведување на заеднички проекти ќе придонесат кон заштита и искористување на шумскиот потенцијал. Со стекнатиот Договор за безбедност на храната се регулираат надлежностите и обврските на двете земји од аспект на увоз, извоз и транзит на храна и животни, со цел исполнување на стандардите за безбедност и релевантната законска регулатива“, се додава во ова соопштение.

Се истакнува дека на средбата министрите Хоџа и Нуредини потенцирале дека и во услови на светска пандемија, трговската размена во 2020 година помеѓу Северна Македонија и Турција бележела тренд на зголемување, што претставува добра основа за понатамошно јакнење на севкупните економски односи меѓу двете земји.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.