економија

Трансјадранскиот гасовод (ТАП) во октомври 2020 спремен за испорака на комерцијален гас

ТАП е европската делница на Јужниот гасен коридор вреден 40 милијарди долари, кој го вклучува полето за гас „Шах Дениз 2“, Јужнокавкаскиот гасовод и Трансанадолискиот гасовод (ТАНАП)

Nuran Erkul Kaya  | 09.12.2019 - Обновена : 12.12.2019
Трансјадранскиот гасовод (ТАП) во октомври 2020 спремен за испорака на комерцијален гас

ИСТАНБУЛ (АА) - Трансјадранскиот гасовод (ТАП) ќе биде подготвен за испорачување на првите количества комерцијален гас од полињата за гас „Шах Дениз 2“ во Азербејџан во октомври 2020 година, истакна во интервјуто за Агенцијата Анадолија (АА), шефот за надворешни работи на ТАП.

ТАП е европската делница на Јужниот гасен коридор вреден 40 милијарди долари, кој го вклучува полето за гас „Шах Дениз 2“, Јужнокавкаскиот гасовод и Трансанадолискиот гасовод (ТАНАП).

Азербејџан, Грузија, Турција, Бугарија, Грција, Албанија и Италија се земјите вклучени во проектот за гасниот коридор долг 3.500 километри.

Трансанадолискиот гасовод испорачува азербејџански гас во Турција, откаде што понатаму оди со ТАП на границата меѓу Турција и Грција. Затоа, ТАП се смета за многу значаен проект за диверзификација на европските извори на гас.

Со свечена церемонија во Ипсала, на турско-грчката граница, ТАНАП - најдолгиот дел од Јужниот гасен коридор, на 30 ноември беше официјално поврзан со Европа, со што и официјално започна испораката на гас од Азербејџан кон Европа. 

Вугар Вејсалов, шеф за надворешни работи на ТАП, изјави дека „во поглед на целокупниот напредок, завршени се околу 90,5 отсто од проектот, вклучувајќи го сиот инженеринг, набавките и изградбата“.

Тој, исто така, изјави дека е планирано проектот во вредност од 4,5 милијарди долари во октомври 2020 година да ја реализира испораката на првиот комерцијален гас од полето за гас „Шах Дениз“.

Акционери во рамките на ТАП се БП (BP), СОКАР (SOCAR) и „Снам“ (Snam), секој со удел од 20 отсто, додека „Флуксис“ (Fluxys) има удел од 19 отсто, „Енагас“ (Enagas) - 16 и „Акспо“ (Axpo) - удел од 5 отсто.

ТАНАП, со капацитет од 16 милијарди кубни метри (bcm), ќе испорачува шест милијарди кубни метри гас во Турција, додека преостанатите 10 милијарди ќе бидат испорачувани во Европа преку ТАП.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на церемонијата во Ипсала изјави дека капацитетот на проектот ТАНАП подоцна ќе биде зголемен на 24 милијарди кубни метри, а потоа и на 31 милијарда.

Објаснувајќи го постигнатиот напредок, Вејсалов изјави дека до средината на ноември оваа година над 99 отсто од цевките веќе се поставени и исполнети, додека над 99 отсто од земјата е вратена во трите држави - Грција, Албанија и Италија.

Од 26 ноември, гасоводот започна со испорака на првиот гас во дел од гасоводот во должина од 2 километри во Грција, меѓу реките Еврос и компресорската станица „Кипои“.

„Ова е почетната фаза од процесот на пуштање на гасоводот, а целта е да се тестира инфраструктурата, со цел да се провери дали е во целост безбедна и подготвена за работа во согласност со сите национални и меѓународни безбедносни и оперативни стандарди“, се соопштува од ТАП.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.