економија

Сојузот на стопански комори се состана со премиерот Заев и економскиот тим на новата Влада

Премиерот Заев најави стабилност и предвидливост во следниот период и нови мерки за стопанството и за граѓаните

Husamedin Gina  | 02.09.2020 - Обновена : 04.09.2020
Сојузот на стопански комори се состана со премиерот Заев и економскиот тим на новата Влада Фото: (Husamedin Gina - Агенција Анадолија)

СКОПЈЕ (АА) - Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), денеска организираше официјална средба со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, и економскиот тим на новата Влада, јавува Агенција Анадолија (АА).

На средбата присутни беа и вицепремиерот за економски прашања, ресорните министри во Владата како и претседателството на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Премиерот Зоран Заев во изјавата за медиумите пред почетокот на работната средба најави стабилност и предвидливост во следниот период и нови мерки за стопанството и за граѓаните, и период од четири години во кој, како што рече, нема да има вонредни парламентарни избори.

„Владата е тука да помогне, да пружа рака, да подаде рамо тогаш кога е тешко. А преку оваа порака сакам да испратам порака и до сите граѓани дека државата е стабилна, дека државата постои да им помага на граѓаните и на стопанството“, нагласи Заев.

Според премиерот, следува стабилен период и во даночната политика, а очекува и заедничка борба со коморите против сивата економија.

Одговарајќи на новинарско прашање за најновите отпуштања на работници, Заев рече дека веднаш ќе работат на мерките за да може државата да помогне да се заштити секое работно место.

„Неприродно, бројките пораснаа од 12-13.000 на 22-23.000, некаде по некои статистики и на 30.000 илјади невработени кои што се случија во овој период. Но, не се 140 или 100 илјади. За нас е важно секое работно место. Првата порака е треба да знаат деловните луѓе дека државата продолжува да помага“, рече Заев.

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) се надева дека процесот на донесување на новите антикризни мерки ќе биде инклузивен и сите претпријатија кои се соочуваат со финансиска криза ќе ја добијат соодветната таргетирана помош која им е неопходна.

„Во останатите приоритети за кои што Сојузот на стопански комори се залага, а сега веќе гледаме дека се утврдени и зацртани во новата програма на Владата, е укинувањето и значителното намалување на фискалните давачки“, нагласи претседателката на ССК, Данела Арсовска, додавајќи дека, исто така, ќе се фокусираат и на борбата против корупцијата.

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) застапува над 35 стопански комори и организации.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.