Övünç Kutlu
26 Ноември 2021•Ажурирај: 28 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Оваа година на „Црн петок“ (Black Friday) и „Сајбер понеделник“ (Cyber Monday) се очекува онлајн продажбата во Соединетите Американски Држави (САД) да достигнат рекордно високо ниво, и покрај високата инфлација, покажуваат информациите собрани од Агенција Анадолија.
„Црн петок“, неофицијалното име за петокот по Денот на благодарноста, кој го означува започнувањето на сезоната на празнично купување, сведочи за попустите на производите на илјадници продавници низ САД кои на своите потрошувачи им ги нудат секоја година.
Оваа сезона, сепак, е поинаква, бидејќи светот е „заглавен“ со ограничувања во синџирот на снабдување и рекордно високата инфлација.
И покрај ограничувањата во снабдувањето и достигнувањето на потрошувачките цени на САД на највисоко ниво во последните 31 година, оваа сезона се очекува да има повеќе купување од кога било, особено преку интернет.
На „Црниот петок“ се прогнозира дека продажбата преку интернет ќе достигне рекордно висок износ од 9,5 милијарди долари.
„Сајбер понеделникот“, кој започна во 2005 година за да ги охрабри потрошувачите да купуваат преку интернет, се предвидува дека ќе собере 11,3 милијарди долари за еден ден, покажаа податоците на Агенцијата за истражување на дигиталниот пазар.
- Недостиг поради проблемите со снабдувањето -
Видеоигрите и конзолите, играчките и книгите се на врвот на барани производи од страна на потрошувачите, но тие веќе забележаа недостиг во снабденост, и покрај тоа што Американците купуваа претходно оваа година за празничната сезона.
И покрај најавите, речиси половина од американските потрошувачи се соочија со проблеми во синџирот на снабдување, според „Морнинг консалт“.
Компанијата за податоци, исто така, откри дека 74 отсто од потрошувачите кои имале проблеми со недостиг на производите за нарачка преку интернет, ги посетувале продавниците на мало.
Онлајн купувачите прегледале повеќе од 2 милијарди производи кои ги нема во залиха само во текот на месец октомври, што е двојно повеќе од истиот период минатата година, според податоците на Агенцијата за истражување на дигиталниот пазар.
Електрониката, накитот, облеката, предметите за домот и градината беа некои од главните артикли кои беа во недостиг.
Сепак, „Црниот петок“, на кој обично уште од зори се создаваат турканици кон продавниците, станува денот за купување број 1 преку интернет во последниве години.
Речиси 80 отсто од американските потрошувачи се очекува да купуваат преку интернет, а генерацијата „З“ и милениумците го прават најголемиот дел од купувањето, според „Морнинг консалт“.
„Речиси 2 милиони луѓе повеќе, во споредба со минатата година, се очекува да купуваат од Денот на благодарноста до „Сајбер понеделник““, соопшти Националната федерација за малопродажба (NRF), а околу 158,3 милиони луѓе се очекува да купуваат за време на викендот на Денот на благодарноста.
Додека 30,6 милиони луѓе купуваат директно во продавница или онлајн на Денот на благодарноста, на „Црниот петок“ тоа се очекува да го сторат 108 милиони луѓе.
Се прогнозира малите бизниси утре да имаат 58,1 милион, а в недела 31,2 милиони купувачи.
Националната федерација за малопродажба (NRF) прогнозира дека на „Сајбер понеделник“ ќе има 62,8 милиони потрошувачи.
Агенцијата за истражување на дигиталниот пазар проценува дека вкупната онлајн продажба за време на празничната сезона, од почетокот на ноември до Нова година, ќе ја надмине границата од 200 милијарди долари за првпат во историјата и ќе достигне 207 милијарди долари.
Рекордната сума, доколку се реализира, би била 10 отсто зголемување во однос на истиот период минатата година.