Senada Ibraimova
13 Февруари 2017•Ажурирај: 14 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Македонија одржа прес-конференција на тема „Соодветна промоција на македонските туристички дестинации – услов за раст на туризмот“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија, а земајќи ги предвид податоците од Заводот за статистика, досегашната политика за промовирање и поддршка на секторот туризам на државно ниво дава резултати од аспект на раст на вкупниот број на туристи, со акцент на странските гости.
„Во 2016 година, растот на туризмот ќе биде околу 5%, со тоа што околу 3% е растот на вкупно реализираните ноќевања заклучно со 11. месец 2016 година“, изјави Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.
Податоците од Заводот за статистика покажуваат дека во 2015 година, Македонија ја посетиле вкупно 816.067 туристи, од кои 330.537 домашни и 485.530 странски туристи. Додека пак, во 2016 година, до 11. месец, а со претпоставки за 12 месец, вкупно 855.075 туристи ја посетиле Македонија, од кои 347.246 домашни и 507.829 странски туристи.
Василевска рече дека согласно одредени показатели во текот на овие шест години, додека трае политиката на субвенционирање на тур-операторите коишто носат странски гости, може да се констатираат неколку факти.
„Вкупниот број на туристи кои ја посетуваат Македонија, во просек се задржуваат неполни 3 ноќевања. Најголем број домашни туристи има во месец август, кога се реализираат и најголем број ноќевања“, вели Василевка нагласувајќи дека странските туристи во вкупниот број ноќевања учествуваат со 43,3%, а нивното учество во ноќевањата во хотели од вкупниот број на туристи кои доаѓаат изнесува околу 90%.
Членот на Здружението за угостителство и туризам, Асим Меџедовиќ, пак, смета дека треба да се преземат мерки во интерес на јакнење на комуникацијата меѓу здруженијата, приватниот сектор и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Р. Македонија (АППТ) во сферата на саемски организации и презентации.
„Ние во Македонија веќе со години имаме претставници од најголемите тур-оператори во светот. За време на тие саемски манифестации, и други презентации може да се организираат заедно во корелација со овие тур-оператори, да се искористи нивната мрежа, којашто е на светско ниво во многу земји и со заедничко презентирање на Македонија, да се дојде до успех, а тоа е отворање на нови чартер дестинации од тие земји до Македонија“, изјави Меџедовиќ.
Тој смета дека за успешно организирање на вакви саемски манифестации и презентации надвор од Македонија, активна улога во комуникацијата треба да има меѓу АППТ, здруженијата, амбасадите и економските промотори.
Од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија, за поактивна промоција на туризмот на тие манифестации предлагаат 1/3 од штандовите на саемите да бидат застапени од самото здружение и од Здружението „Хотам“, како и на саемите да бидат застапени автокамповите со дизајн и свои материјали.