Emre Gürkan Abay
06 Април 2022•Ажурирај: 09 Април 2022
МОСКВА (АА) - Продажбата на автомобили во Русија, во март се намали на околу 55.000 парчиња, што е помалку за 63 проценти во однос на истиот период претходната година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот, кој го објави Европската бизнис-асоцијација AEБ, со седиште во Русија, се наведува дека е забележен пад на бројот на продажба на автомобили, првенствено поради санкциите.
Цените на автомобилите во Русија во март пораснаа за 40 отсто во однос на истиот период претходната година.
Многу глобални автокомпании објавија дека ги откажале активностите во Русија поради војната во Украина.
Експертите велат дека логистичките проблеми предизвикуваат недостиг на резервни делови, што предизвикува и пораст на цените на автомобилите.
Војната на Русија во Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународен гнев, при што Европската Унија, САД и Велика Британија, меѓу другите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Досега, според податоците на ОН, во Украина загинале најмалку 1.480 цивили, 2.195 се повредени, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема. Повеќе од 4,24 милиони Украинци побегнале во други земји.