Riyaz Khaliq Khaliq,Ahmad Adil
09 Септември 2023•Ажурирај: 10 Септември 2023
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - На самитот на Г20 денес е постигнат консензус и усвоена е декларацијата од Њу Делхи, рече премиерот на Индија, Нарендра Моди, известува Анадолу.
Пред почетокот на последната сесија, Моди објави дека има добри вести.
„Благодарени на напорната работа на нашиот тим, постигнат е консензус околу Декларацијата на самитот на лидери на Г20 од Њу Делхи. Мојот предлог беше да се усвои оваа декларација“, наведе Моди.
Потоа додаде дека може да се потврди дека декларацијата е усвоена.
Текстот од Декларацијата на самитот, на кој не присуствуваа кинескиот и рускиот претседател, уште не е официјално објавена.
Меѓутоа, од дипломатски извори, се дознава дека лидерите на Г20 одобриле компромисен јазик за војната на Русија против Украина, надминувајќи ги разликите кои можеле да го загрозат усвојувањето на заедничката декларација.
Денес во Њу Делхи, главниот град на Индија, започна 18. Самит на лидери на Г20 под мотото „Една Земја, едно семејство, една иднина“.
Дводневниот самит се одржува во новоотворениот Конгресен центар „Прагати Мајдан“, каде се наоѓа и статуата на Натараја, индиски бог на танцот, како важен симбол на космичката енергија, креативност и моќ.
Лидерите на Г20, во отсуство на претседателот на Русија, Владимир Путин, и претседателот на Кина, Ши Џинпинг, ќе разменат мислења на три сесии, за постигнување напредок во областа на трговијата, климатските промени и други глобални проблеми.
- Сесија „Една Земја“
Самитот започна со сесијата „Една Земја“, а подоцна лидерите присуствуваат на сесијата „Едно семејство“.
Светските лидери на 10 септември (недела) ќе положат цвеќе на гробот на Махатма Ганди во Њу Делхи, пред церемонијата на садење дрвја.
Г20, исто така, ја прими Африканската унија, блок од 55 земји, за постојана членка на групата.
- Самит Г20
Г20 или Група 20 е меѓувладин форум кој се состои од 19 земји и Европската унија (ЕУ), а од денес и Африканската унија. Работи на решавање на главни прашања поврзани со глобалната економија, како што се меѓународната финансиска стабилност, ублажување на климатските промени и одржлив развој.
Г20 е формиран 1999 година, како одговор на неколку светски економски кризи.
Групата 20 ја сочинуваат: Австралија, Канада, Саудиска Арабија, САД, Индија, Русија, Јужна Африка, Туркије, Аргентина, Бразил, Мексико, Франција, Германија, Италија, Велика Британија, Кина, Индонезија, Јапонија, Јужна Кореја и ЕУ.
Индија претседава со Г20 од 1. декември 2022 година до 30. ноември 2023 година.