Ivana Ramadanova
06 Ноември 2017•Ажурирај: 07 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска го презентираше Предлог-буџетот за 2018 година, пред членките на Стопанската комора на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Стопанската комора на Македонија велат дека вклучувањето во процесот на консултации во фазата кога се креира буџетот, ќе овозможи бизнис заедницата да даде конкретни предлози кои ќе имаат развоен карактер, а ќе биде од големо значење и заради навременото запознавање на стопанствениците со предвидувањата за макроекономската политика за наредната година.
Според министерот Тевдовски, за Македонија да оди напред, мора да се зборува отворено и транспарентно, и истакна дека е неопходно да се има дебати во коишто ќе се слушнат различни мислења.
„Во овој Предлог-буџет, ние предлагаме две работи кои би донеле поголеми приходи во буџетот. Првата работа е зголемување на акцизата на дизелот за 3 денари, бидејќи тоа ќе донесе поголеми приходи во буџетот. Втора работа, која е многу важна, е дека со предвиденото зголемување на акцизата, цената на дизелот во Македонија повторно ќе биде убедливо најниска во регионот“, истакна Тевдовски.
Тој напомена дека за првпат проекцијата на државната каса се презентира и се дискутира отворено пред да биде усвоена што, како што најави, ќе стане практика.
Претставувајќи го Предлог-буџетот, Тевдовски уште еднаш повтори дека за да се зголемат приходите се предвидува зголемување на акцизата на нафтата за три денари и зголемување на максималната основица на плаќањето придонеси од 12 на 16 просечни плати.
Министерот Тевдовски потсети дека до 15 ноември годинава, Владата треба да го усвои Предлог- буџетот и потоа да го достави до Собранието.