Admir Fazlagic
31 Јануари 2019•Ажурирај: 01 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Меѓународната невладина организација „Македонија 2025“ денеска организираше панел-дискусија „Жени претприемачи и канадски екперти: Менторство, развој и одржливост“, на која учесниците ги споделија своите искуства, со цел унапредување на родовата еднаквост и поголема инклузивност на жените во бизнисот, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорката на Канада за Србија, Македонија и Црна Гора, Кати Чаба, во изјава за медиумите рече дека во рамките на проектот се споделени практични искуства од канадските советници, со цел да придонесат за унапредување на локалните организации во Македонија.
Таа истакна дека Канада и Македонија имаат добра економска и културна соработка. Според нејзините зборови, проектите кои Канада ги поддржува со Фондот од Канада се поддржани во согласност со нашите иницијативни, односно приоритети се давање моќ на жени и девојки, зголемување на рамноправноста на родовите, зајакнување на локалната заедница и зголемување на мирот и безбедноста.
„Веруваме дека проектот ќе има навистина добри резултати во давање поголема моќ на организации кои се предводени од жени, со тоа што ќе им дадеме експертски совети и насоки за во иднина. Канада со задоволство ќе го даде своето искуство како модел за унапредување на родовата еднаквост и давање моќ на жените и девојките“, изјави Чаба.
Амбасадорката на Канада се осврна и на ратификувањето на Преспанскиот договор во парламентите на Македонија и Грција, при што упати честитки до двете земји.
„Истовремено, сакам да ѝ честитам на Македонија за ратификацијата на Преспанскиот договор којшто беше чекор кој бараше навистина голема посветеност и храброст. Тоа е чекор, кој не само што ќе ја вклучи Македонија во НАТО туку ќе ги одблокира и процесите за пристап во ЕУ. Но она што е навистина значајно, ќе ги зголеми мирот и стабилноста на целиот регион“, истакна Чаба.
Џенифер Лавуа, бизнис-експерт и советник од Канада, изјави дека со здруженијата работат и жени бизнисмени на советување на жените во областа на деловната стратегија, подготвеноста за извоз, на технички и управувачки вештини, како и на маркетинг и комуникации.
Информираше дека во Скопје имала можност да соработува со жени професионалци за женското лидерство во бизнисот и во други сфери, како и во позиционирањата на жените како важна движечка сила за развојот на Македонија.
„Промовираме соработка и регионализација, во поглед на прифаќање на кластерниот пристап и собирање на едно место на истомислениците и на други извори на приходи, отворање нови пазари за извоз, како и работа на локално финансирање и формирање фондови и грантови“, додаде Лавуа.
Изабела Соколовска, претседателката на Институтот за развој на креативниот и иновативниот потенцијал кај младите и возрасните лица „Креативна Македонија“, рече дека има позитивно искуство од проектот „Жени претприемачи и канадски експерти - менторство, одржливост и развој“.
Таа изрази верба дека ќе работат на прашањата кои се однесуваат на поголема застапеност и инклузивност на жените во бизнисот, како и на сите предизвици со кои се соочуваат жените од тој аспект и дека ќе се подобри статусот на жените претприемачи.