Турција, економија

Обемот на трговија меѓу Туркије и Израел значително намален по израелската офанзива во Газа

Од 7 октомври до 20 март оваа година вкупниот обем на трговска размена меѓу Туркије и Израел падна за речиси 33 отсто

Zehra Nur Düz  | 08.04.2024 - Обновена : 09.04.2024
Обемот на трговија меѓу Туркије и Израел значително намален по израелската офанзива во Газа

АНКАРА (АА) - Обемот на трговска размена меѓу Туркије и Израел е значително намален откако започна израелската офанзива врз Газа минатата година, покажуваат податоците на турското Министерство за трговија, јавува Анадолу.

Од 7 октомври до 20 март оваа година вкупниот обем на трговска размена меѓу Туркије и Израел падна за речиси 33 отсто, според податоците собрани од Анадолу од извори во Министерството.

Во меѓувреме, извозот на Туркије во Израел падна за 30 отсто, а нејзиниот увоз се намали за 43,4 отсто.

Турските државјани и компании постепено ги откажуваат продажбите и нарачките со Израел, а трговијата главно се одвива преку приватни фирми, вклучително и некои меѓународни, а не преку државни претпријатија.

Стоката пратена од Туркије во Палестина поминува низ Израел и неговите царински премини поради тоа што Палестина нема сопствени царински капацитети.

Стоката наменета за Палестина треба да биде означена за Израел или да ја содржи фразата „преку Израел“.

Покрај тоа, Израел не ги признава правните односи меѓу Палестина и трети земји, а одбива да дозволи комерцијални трансакции преку граничниот премин Рафа со Египет.

Како резултат на тоа, трговијата меѓу трети земји и Палестина е евидентирана во голем дел како трговија со Израел во податоците во националните статистики.

Израел започна смртоносна воена офанзива во Појасот Газа по прекуграничниот напад на почетокот на октомври минатата година од страна на палестинската група Хамас во кој загинаа околу 1.200 луѓе.

Оттогаш во израелските напади врз Газа се убиени речиси 33.200 Палестинци, а околу 75.900 се повредени.

Израел, исто така, воведе блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад.

Според Обединетите нации, израелската војска принуди 85 отсто од населението на Газа на внатрешно раселување, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој неодамна побара од него да стори повеќе за да се спречи глад во Газа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.