Ata Ufuk Şeker
27 Февруари 2022•Ажурирај: 28 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) - САД, Канада и европските земји најавија исклучување на одредени банки од Русија од меѓународниот систем за трансфер на пари SWIFT, како и оневозможување за користење на резервите на Централната банка, известува Агенција Анадолија (АА).
Најавени се и шест нови санкции за институциите и официјалните лица на Русија.
Европската Унија, САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Канада објавија заедничко соопштение во врска со воведувањето дополнителни економски санкции кон Русија поради нападот на Украина.
Во соопштението остро се осудува изборот на претседателот на Русија, Владимир Путин, да се одлучи за војна и напад на независната и суверена држава Украина.
„Русија ќе биде повикана на одговорност, а заеднички ќе се погрижиме оваа војна да биде стратешки неуспех за Путин“, се вели во соопштението.
Нагласена е одлучноста за изолација на Русија во однос на европските земји.
„Одлучни сме уште повеќе да ја изолираме Русија од нашите економии, да ѝ ги зголемиме трошоците и да ја исклучиме од меѓународниот економски систем“, се истакнува во соопштението.
Најавени се и мерки со кои ќе биде ограничено користењето на резервите од Централната банка на Русија, што оваа земја би можела да ги користи со цел ублажување на последиците предизвикани од наметнатите санкции.
Од почетокот на следната недела најавено е и формирање „трансатлантски заеднички сили“, за да се обезбеди ефикасна примена на санкциите, како и замрзнување на имотот на лицата блиски со руските власти и на нивните семејства.