Bekim Laci
05 Јули 2017•Ажурирај: 06 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Македонија организираше средба на бизнис секторот со премиерот на Македонија, Зоран Заев и со претставниците на економските ресори на Владата, каде што власта за време на состанокот ќе се запознае со проблемите и барањата на бизнис секторот, јавува Anadolu Agency (AA).
Заев на бизнисмените им соопшти дека владата се подготвува за ребаланс на буџетот, вложувајќи труд за прераспределба на финансиските средства, со намалување на непродуктивните трошоци и префрлање средства во сферите каде што има потреба, но, според него, капацитетот на капиталниот буџет не ветува многу.
Македонскиот премиер пред бизнисмените разговараше и околу економските мерки чијашто цел е да се задржат младите во земјата, односно да се создадат услови за тие да не се принудени да ја напуштаат земјата. Тој истакна дека тоа може да се направи преку прераспределба на фондовите во „младински гаранции“ кои можат да се реализираат преку приватните компании.
„Младинската гаранција е една мерка којашто западна Европа ја употребува, а тоа значи алоцирање на средства во компаниите за обезбедување плата на младите луѓе. Тие ќе добијат тренинг и ќе бидат трајно поподготвени практично за да се пробијат на пазарот на трудот а бизнисмените веројатно како деловни луѓе ќе најдат ресурс којшто ќе биде продуктивно искористен во нивниот процес на делување на самата компанија се со конечна цел да постигнеме неколку резултати“ истакна Заев, и рече дека оваа мерка ќе ги привлече младите да останат тука и да формираат семејство.
Премиерот ги повика бизнисмените на едно „солидарно општество“, да им дадат на вработените повеќе од својот профит, што според него, ќе го зајакне економскиот потенцијал на граѓаните.
Во своето обраќање пред бизнисмените, Заев најави една нова економска мерка, приватно-јавно партнерство, којашто според него дала многу позитивен резултат во западните земји, а во Македонија не е применувана.
„Ќе ги отвориме првин овие можности во делот на секторите коишто се дефицитарни за државата. Ќе набројам неколку, производство на стакло, производство на вештачко ѓубриво, кои не постојат во Македонија а нема доволно охрабрување кај бизнисмените. Државата ќе биде подготвена да партиципира како партнер во бизнис секторот за да најдеме математика, да создадеме нов дел од бруто домашниот производ“, рече Заев.
Македонскиот премиер се осврна и на странските инвестиции, наведувајќи една промена, која би била помош од државата за компаниите што ќе набавуваат продукти или услуги од домашни компании.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, им вети на бизнисмените дека владата нема да направи нелојална конкуренција на компаниите со отворање партиски компании, додека, водејќи се според основните постулати врз коишто ќе се изгради економскиот план, истакна дека извозот треба да биде приоритет на економскиот развој на една мала, двомилионска земја како Македонија.
„Во два милиони луѓе пазар вие не можете да размислувате за сериозна индустрија доколку не сте извозно ориентирани. Затоа ќе гледаме колку што може повеќе македонски компании да ги поддржиме да бидат извозно ориентирани и да им помогнеме да освојуваат пазари надвор од Македонија“, истакна тој.
Владата, како што рече Анѓушев, ќе ги ангажира експертите од енергетиката кои ќе ги анализираат најавените енергетски проекти штот никогаш не се реализирале, бидејќи, според неговите зборови, владата ќе направи сѐ за производството на електрична енергија да биде поважно од увозот.
Освен усните барања во денешната средба, бизнисмените составија листа со писмени барања коишто ќе бидат разгледани во наредните денови.