Admir Fazlagic
21 Јуни 2019•Ажурирај: 22 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за финансии, Драган Тевдовски, се сретна со извршниот директор во Светска банка, Кун Дејвидсе, пренесува Anadolu Agency (AA).
Прес-службата на Владата соопшти дека на средбата е изразена силна поддршка за одржливите фискални и економски политики, што водат кон реализација на проекти од интерес на граѓаните.
„Констатирано е дека направените крупни политички чекори во државата, на долг рок го отворија патот за стабилизација, а со тоа и за одржлив економски развој на земјава, во којашто се гледа лидер за економски развој и на регионот. На средбата е заеднички нагласена важноста на Стратегијата за партнерство на Република Северна Македонија со Светска банка, со чијашто поддршка се реализираат проекти во патната инфраструктура, енергетиката, комуналната инфраструктура. Притоа, истакната е потребата за одржување на потребната динамика на активности, со цел заокружување на проектите во предвидените рокови“, се вели во соопштението на Владата.
На средбата, премиерот Заев истакнал дека граѓаните веќе ги чувствуваат економските бенефити од донесените политички одлуки, како и дека сите економски параметри се во нагорна линија.
„Работиме напорно овие трендови да продолжат и да имаме уште поголеми резултати до крајот на годината, за 2019 година да биде и економска година, освен година на интеграциите. Заокружување на НАТО-интеграциите, како и почетокот на преговорите со ЕУ, по надминувањето на политичката криза, реформските чекори и затворањето на прашањата со соседите, отвораат големи перспективи за државата и за граѓаните. Продуктивноста е добра, фокусирани сме на зајакнување на сервисните капацитети на институциите со цел зголемување на економските резултати и она што е најважно, тие да допрат уште повеќе до граѓаните и квалитетот на живот“, рече премиерот Заев на средбата со извршниот директор на Светска банка, Дејвидсе.