Ekipa
02 Јануари 2019•Ажурирај: 03 Јануари 2019
ФРАНКФУРТ (АА) - Европската централна банка (ECB) најави дека од 27 јануари 2019 година 17 од 19-те национални централни банки во еврозоната веќе нема да издаваат банкноти во вредност од 500 евра, но истите ќе продолжат да бидат законско средство за плаќање, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението што го објави Европската централна банка се истакнува дека за да се обезбеди непречена транзиција, но и од логистички причини, Германија и Австрија, односно Централната банка на Германија (Дојче Бундесбанк) и Народната банка на Австрија, ќе продолжат со издавањето на банкнотата до 26 април оваа година.
„Постоечките банкноти од 500 евра ќе продолжат да бидат законско средство за плаќање, па сѐ уште ќе може да се користат како платежно средство и како заштеда“, се вели од Европската централна банка.
Оттаму додаваат дека банките, менувачниците и другите комерцијални странки ќе можат да продолжат со рециркулирањето на постојните банкноти од 500 евра.
„Како и останатите апоени на банкнотите од еврозоната, банкнотите од 500 евра секогаш ќе ја задржат својата вредност и може да се разменуваат во националните централни банки на еврозоната во секое време“, истакнуваат од ЕЦБ.
Во 2016 година, ЕЦБ објави дека ќе запре со издавањето на банкноти од 500 евра, поради „загриженоста дека овиe банкноти ги олеснуваат нелегалните активности.“