Ata Ufuk Şeker
29 Октомври 2021•Ажурирај: 31 Октомври 2021
БРИСЕЛ (АА) - Економијата на Еврозоната во третиот квартал оваа година се зголеми за 2,2 отсто во однос на претходниот квартал, по ублажувањето на мерките против коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Европскиот завод за статистика (Евростат) објави најнови податоци за стапките на раст во третиот квартал на 2021 година за Европската Унија (ЕУ) и Еврозоната.
Бруто-домашниот производ (БДП) во Еврозоната која вбројува 19 членки, се зголеми за 2,2 отсто во третиот квартал на 2021 година во однос на претходниот квартал.
БДП во Еврозоната се зголеми за 3,7 отсто во третиот квартал на 2021 година во однос на истиот период 2020 година.
БДП во ЕУ се зголеми за 2,1 отсто во третиот квартал оваа година во однос на претходниот квартал и за 3,9 отсто во однос на третиот квартал од 2020 година.
Во третото тримесечје, БДП во Германија се зголеми за 1,8 отсто, во Франција 3 отсто, во Италија 2,6 отсто и во Шпанија 2 отсто во однос на претходниот квартал.
Во однос на истиот период минатата година, БДП во Германија се зголеми за 2,5 отсто, Франција 3,3 отсто, Италија 3,8 отсто и во Шпанија 2,7 отсто.
Бруто-домашниот производ (БДП) е макроекономски индикатор кој ја покажува вредноста на финалните добра и услугите произведени во земјата во текот на годината, изразено во парични единици.
Еврозоната е монетарна унија на 19 држави членки на Европската Унија кои го усвоија еврото како своја примарна валута и единствено законско средство за плаќање.
Европската Унија (ЕУ) моментално има 27 држави членки.