економија

Европската централна банка ја задржа каматната стапка непроменета на 2%, што е во согласност со очекувањата

- Клучната депозитна каматна стапка останува на ниво од 2%, што е најниско ниво од ноември 2022 година

Mücahithan Avcıoğlu  | 18.12.2025 - Обновена : 18.12.2025
Европската централна банка ја задржа каматната стапка непроменета на 2%, што е во согласност со очекувањата

ИСТАНБУЛ (АА) – Европската централна банка (ЕЦБ) денес одлучи да ги задржи непроменети трите клучни каматни стапки, во согласност со очекувањата на пазарите, јавува Анадолу.

Клучната депозитна каматна стапка останува на ниво од 2%, што е најниско ниво од ноември 2022 година.

Каматната стапка за главните операции за рефинансирање изнесува 2,15%, а стапката за маргиналната кредитна линија е 2,40%.

Одлуката за задржување на каматните стапки претставува четврта последователна пауза. Последното намалување на каматите ЕЦБ го направи на состанокот во јуни, со што беше заокружен циклус од осум намалувања, започнат со фазата на олеснување во јуни 2024 година.

Од банката соопштија дека ажурираната процена повторно потврдува оти инфлацијата треба да се стабилизира на целното ниво од 2% на среден рок.

„Новите проекции на експертите од Евросистемот покажуваат дека вкупната инфлација во просек ќе изнесува 2,1% во 2025 година, 1,9% во 2026, 1,8% во 2027 и 2,0% во 2028 година“, соопшти ЕЦБ.

За инфлацијата без енергијата и храната, централната банка проектира просек од 2,4% во 2025 година, 2,2% во 2026, 1,9% во 2027 и 2,0% во 2028 година. „Инфлацијата е ревидирана нагоре за 2026 година, главно поради тоа што експертите сега очекуваат побавно намалување на инфлацијата кај услугите“, се наведува во соопштението.

„Економскиот раст се очекува да биде посилен во однос на проекциите од септември, особено поттикнат од домашната побарувачка“, додаде банката.

ЕЦБ нагласи дека останува цврсто определена да обезбеди стабилизирање на инфлацијата на целното ниво од 2% на среден рок.

Одлуката беше донесена откако годишната инфлација во еврозоната изнесуваше 2,1% во ноември, исто како и во октомври и нешто над среднорочната цел на ЕЦБ од 2%.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.