Vesna Besic
23 Октомври 2024•Ажурирај: 24 Октомври 2024
САРАЕВО (АА) - Европската комисија денеска ги одобри реформските агенди на Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и Србија по позитивното мислење од страна на земјите-членки на Европската унија (ЕУ), соопштија од Генералната дирекција на Европската комисија за соседство и преговори за проширување, известува Анадолу.
Во своите амбициозни реформски агенди, петте влади на земјите од Западен Балкан се обврзаа да спроведат социо-економски и фундаментални реформи за да го стимулираат растот и да се приближат до членството во рамките на Планот за раст во периодот 2024-2027 година.
Овој чекор беше клучен за да се овозможи исплата на средствата во рамки на Фондот за реформи и раст во износ од шест милијарди евра, што ќе се спроведе по исполнувањето на договорените реформски чекори.
„Импресионирана сум од работата на нашите партнери од Западен Балкан на нивните реформски агенди, што е потврда за нивната посветеност за успешност на Планот за раст. Тоа е нашиот патоказ за тоа како да ги приближување на економиите од Западен Балкан до нашата и на нивните бизнисмени да им обезбедиме пристап и средства за пазарна конкуренција на нашиот единствен пазар. Сите имаат корист и ова е голем исчекор кон Европската унија“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Фокусот на реформската агенда е на реформите во приоритетните области на владеење на правото и други фундаментални прашања, управувањето, дигиталната и зелената транзиција, развојот на човечкиот капитал и деловното опкружување.
Покрај тоа, секој корисник предложи листа на индикативни инвестиции за финансирање во рамките на Инструментите (Инструментот за претпристапна помош) кои се клучни за поттикнување на социо-економскиот раст и кои ќе бидат одобрени во контекст на Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Комисијата ги оцени поединечните реформски агенди врз основа на критериумите утврдени со Регулативата на фондовите за реформи и раст.
Комисијата заклучи дека реформските агенди ги исполнуваат целите на Инструментот, вклучително и побрзо надминување на социо-економскиот диспаритет меѓу корисниците и ЕУ, како и дополнително јакнење на основите на процесот за проширување.
Средствата ќе се исплаќаат двапати годишно до 2027 година, врз основа на барањата на партнерите од Западен Балкан и верификација на три услови од страна на Европската комисија, односно предуслови за зачувување на демократските механизми, владеење на правото и почитување на човековите права.
Посебен предуслов се однесува на Србија и Косово во однос на обврската за нивен конструктивен ангажман во нормализацијата на односите, вклучително и спроведувањето на сите договори од Дијалогот, кои ќе бидат оценети земајќи ги во предвид улогата и придонесот на Европската служба за надворешни работи.
Задолжително е да се задоволат општите услови за макрофинансиска стабилност и добро управување со јавните финансии пред исплата на средствата. Услови за исплата на средства е исполнување на квантитативни и квалитативни чекори на поединечните реформи.
Комисијата го чека формалното поднесување на Реформската агенда на Босна и Херцеговина за да продолжи со оценката и да продолжи со поддршката на власта во нејзиното финализирање, за доброто на сите граѓани.
Комисијата сега ќе пристапи кон потпишување на договорот за заем и средства со корисниците, кој ќе вклучува обврски за корисниците да преземат соодветни мерки за спречување, откривање и исправање измами, корупција, судир на интереси и неправилности кои негативно влијаат на финансиските интереси на унијата, а со цел да се избегне двојно финансирање и презеде правни дејствија за враќање на незаконски присвоените средства, како и мерки за собирање адекватни податоци за примателите на средства според Инструментот и правата на Европската комисија, Европската канцеларија за борба против измами (ЕКБИ) и Европското јавно обвинителство (ЕЈО), каде што тоа е применливо.
Истовремено, корисниците можат да побараат предфинансирање во износ до 7% од нивните вкупни индикативни средства предвидени со Инструментот.
Исплатата на предфинансирањето зависи од стапувањето во сила на договорот за заем и средства, и исполнување на предусловите, кои Комисијата ќе ги следи пред секоја исплата.
На 8 ноември 2023 година, Комисијата го усвои Планот за раст за Западен Балкан. Овој амбициозен план има за цел да ја забрза социо-економската конвергенција на регионот со ЕУ и да го трасира патот кон членството. Планот е поддржан со зголемување на финансиската помош преку новиот Инструмент за реформи и раст, кој стапи на сила на 25 мај 2024 година. Овој Инструмент ќе ја надополни тековната финансиска помош во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III).
Финансиската рамка на Фондот изнесува шест милијарди евра, од кои две милијарди евра грантови и четири милијарди евра исклучително поволни заеми. Најмалку половина од вкупниот износ (грантови и заеми) е наменет за инвестиции преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Преостанатиот износ од заемот се уплаќа во благајните на владите на Западен Балкан со цел да се забрза растот заснован на социо-економските реформи.