АНКАРА
По финансиската криза во периодот 2007-2008 година, дебатата за даноците на богатство се актуализираше кон крајот на 2019 година со пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), поради која се влошува нееднаквоста низ светот, и се повикува на економска прераспределба која добива поголема итност.
Чувството дека некои луѓе сè повеќе и повеќе се богатат, а притоа не го даваат својот удел во борбата за решавање на прашањата со кои се соочува општеството, го навредува чувството за правда кај многу луѓе.
Бројките што неодамна ги објавија меѓународните тела претставуваат остра слика за постојано влошената нееднаквост низ светот.
На глобално ниво, среде пандемијата, богатството на милијардерите се зголеми за неверојатни 3,9 билиони долари.
„Нивното вкупно богатство сега изнесува 11,95 билиони долари, што е еквивалентно на она што владите на Г-20 го потрошија како одговор на пандемијата“, се вели во извештајот.
Друго истражување на Светската банка проценува дека околу 100 милиони луѓе се нашле во сиромаштија само во 2020 година, бројка што се очекува да се искачи на најмалку 150 милиони до крајот на 2021 година.
Проблемот лежи во очигледната неправедност дека некои луѓе имаат огромно богатство, додека милиони други се соочуваат со тежок живот во сиромаштија, вклучувајќи ги и ефектите на сиромаштијата врз домувањето, образованието, здравството и слично.
Имајќи предвид дека зголемувањето на даноците за богатите изгледа подобро од зголемувањето на нееднаквоста, овој напис има за цел да ја подигне свеста за овој системски неуспех, што може да се поправи ако постои вистинска политичка волја.
- Богатите се несвесни колку малку плаќаат
Според Лиз Нелсон, директор на Лондонската мрежа за даночна правда, има многу богати луѓе кои не се свесни за обемот на нивното богатство или за тоа колку малку данок плаќаат, или обете.
„Мислам дека треба да насочиме дел од нашето внимание кон адвокатите и сметководителите кои управуваат со богатството и водат како богатството се чува во тајност“, рече таа за Агенција Анадолија, додавајќи дека владите или граѓанското општество треба да се обидат да им објаснат на многу богатите луѓе дека тоа не е фер.
„Како се оданочува богатството е многу важно“, смета Нелсон, додавајќи дека и од гледна точка на финансиска тајна, владите треба да знаат каде се чува богатството.
„Околу 8 до 35? 8-35 билиони долари се проценува дека се наоѓаат во странство, а огромни количини приходи се губат од богатите лица“, објасни таа.
Цитирајќи го истражувањето што нејзината група го направила минатата година, Нелсон рече дека околу 427 милијарди долари годишно се губат од злоупотреба на данок.
„А, 182 милијарди долари од тоа се од богати лица, што е еднакво на 9,2% од глобалните здравствени буџети во просек“, истакна Нелсон, велејќи дека доколку владите ја имаат оваа сума, тоа може да направи огромна разлика.
„Иако мерките за штедење доминираа во напорите за прибирање на државните приходи, ова не се однесува на нееднаквоста“, рече таа.
„Данокот на богатство е повеќе за праведноста и тој всушност може да собере многу приходи за владите“, објасни Нелсон.
- Дебата за оданочување на богатството
Владите се обидуваа да се справат со економскиот пад во време на пандемијата, што ги натера да ги зголемат нивните трошоци и долгови, додека обратно им паднаа приходите од данокот и другите плаќања.
Нето-долгот на јавниот сектор во Велика Британија, на пример, достигна над 2,1 билиони фунти (2,9 билиони американски долари) на крајот на јануари, ниво што не е забележано од раните 1960-ти, според Националниот завод за статистика на земјата.
Како решение за овие проблеми, данокот на богатство се дискутира на глобално ниво како начин за справување со нееднаквоста и за да се плати сметката за трошењата на владите поврзани со Ковид-19.
Аргентина неодамна донесе закон со кој им наметнува еднократен данок на своите најбогати луѓе за да се помогне во плаќањето на трошоците за пандемијата.
Минатиот декември, една од најсиромашните земји во Латинска Америка, Боливија, одобри и долгорочен данок на богатство.
За даноците на богатството се дискутирало од повеќе различни причини, според Арун Адвани, доцент на Универзитетот во Ворвик и член на Комисијата за данок на богатство, група даночни експерти и економисти собрани од Ворвик и Лондонската школа за економија.
„Во САД, на пример, постои голема загриженост за концентрацијата на богатството“, рече тој, додавајќи дека некои прашуваат дали данокот на богатство може да биде дел од решението за намалување на оваа концентрација.
- Еднократен данок
„Друга причина е поврзана со приходите“, рече Адвани и подвлече дека прашањето е кој ќе ја плати сметката за државните трошоци за борба против Ковид-19.
„Она што го препорачуваме во Велика Британија во Комисијата за данок на богатство е имплементирање на еднократен данок на богатство, предност за зголемување на даноците за работа или трошење, а не на годишниот данок“, рече тој во изјавата за АА.
„Да се соберат 50 милијарди фунти во Велика Британија би било нешто како да се зголеми ДДВ за данокот на промет за 6%, од 20% до 26%, а слично е и за даноците на доход. И едното и другото не се добри за бизнисот бидејќи ги зголемуваат трошоците и ја обесхрабруваат економската активност.“
Велејќи дека еднократниот данок на богатство се разликува од данокот на промет и данокот на доход, објасни дека тој се заснова на вредноста што ја имате сега и дека ништо нема да се стори во иднина за да се влијае на таа вредност.
„Прашањето е дали е подобро да се направи тоа на дисторзивен начин преку данок на доход и продажба или на недисторзивен начин преку еднократен данок“, додаде тој.
Адвани, исто така, рече дека таквиот еднократен данок на богатство нема да ги реши постојните проблеми како што се оданочувањето на капиталот, богатството или наследството или нееднаквоста на богатството на самиот крај на дистрибуцијата.
„Ако се обидуваме да постигнеме решение за прибирање приходи на краток рок, тогаш еднократниот данок на богатство е всушност многу добар, ефикасен и фер начин да се соберат тие пари“, додаде тој.
Со оглед на овие ставови за данокот на богатство, можеби е време да се преиспита како се утврдени правилата за оданочување за богатите земји и луѓе, како и за глобалните мултинационални компании.