Dilara Zengin Okay
17 Јули 2022•Ажурирај: 19 Јули 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, изјави дека неизвесноста во поглед на глобалните економски изгледи е исклучително голема и дека очекувањата би можеле да се влошат доколку инфлацијата стане трајна, известува Агенција Анадолија (АА).
Георгиева даде проценка за економските очекувања во светот во своето обраќање на состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на групата Г20.
Таа нагласи дека глобалните економски очекувања не се сјајни.
„Очекувањата се значително влошени и неизвесноста е голема. Ризиците на кои ММФ претходно предупредуваше, сега се реални“, рече Георгиева.
Шефицата на ММФ рече дека војната на Русија во Украина предизвикала дополнителни притисоци врз цените на производите и храната.
Нагласи дека глобалните финансиски услови се влошени повеќе отколку што тоа претходно се очекувало.
Георгиева појасни дека сегашните нарушувања предизвикани од пандемијата на коронавирусот и проблемите во синџирот на набавка вршат силен притисок врз економската активност на глобално ниво.
Истакна дека ризиците ќе продолжат и дека е можно дополнително да се продлабочат, што потенцијално би можело да влијае врз растот, доколку инфлацијата се зголеми во наредниот период.
Георгиева рече дека ќе бидат потребни силни политички интервенции, особено во земјите во развој.
Таа истакна дека државите треба да направат сѐ што е во нивна моќ за да ја намалат инфлацијата, предупредувајќи дека доколку инфлацијата не се намали, тоа би можело да го доведе во опасност закрепнувањето и дополнително да го наруши животниот стандард на загрозените граѓани.
Истакнувајќи ја важноста од новиот импулс во глобалната соработка, Георгиева рече дека лидерството на Г20 е потребно особено околу решавањето на проблемите со несигурноста во храната.
Г20 е меѓувладин форум што се состои од 19 држави и Европската Унија (ЕУ). Работи на решавање на главните прашања поврзани со глобалната економија, како што се меѓународната финансиска стабилност, ублажување на климатските промени и одржливиот развој.