Gökhan Kurtaran
04 Јануари 2021•Ажурирај: 05 Јануари 2021
ЛОНДОН (АА) – Во Велика Британија, минатата година 176.700 лица, кои работат во малопродажниот сектор, се отпуштени од работа поради епидемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од британскиот Центар за истражување на малопродажбата (CRR) се наведува дека малопродажниот сектор во земјата го доживеала најлошиот период во последните 25 години, поради епидемијата.
Наведувајќи дека 176.700 луѓе, кои работат во малопродажниот сектор, минатата година останале без работа поради епидемијата, во соопштението се истакнува дека оваа година ќе има проблеми во исплатата за изнајмување на продавниците.
Исто така, се додава дека до крајот на 2021 година во просек се очекува да бидат отпуштени уште 200.000 лица.
Директорот на британскиот Центар за истражување на малопродажбата (CRR), Џошуа Бамфилд, истакна дека карантинот негативно влијаел на услугите на мало, додека сегашната состојба позитивно влијаела на трговците што продаваат преку интернет.
Британската групација „Аркадија“ (Arcadia), која вклучува многу познати брендови, како што се „Топ шоп“ (Top Shop), „Бартон“ (Burton) и „Дороти Перкинс“ (Dorothy Perkins), прогласи банкрот на крајот на ноември. Исто така, многу познатите трговски ланци како што се „Единбург Вулен“ (Edinburgh Woollen), „Мил груп“ (Mill Group) и „Дебенхамс“ (Debenhams) се наоѓаат меѓу оние што банкротираа во 2020 година.
Експертите за малопродажна индустрија изјавија дека ланците на малопродажба, особено оние што не вложуваат доволно во платформите за купување преку интернет и социјалните медиуми, се негативно погодени од епидемијата.
Во меѓувреме, мрежните трговци како „Буху“ (Boohoo) и „Ејсос“ (Asos), кои немаа малопродажна продавница за време на епидемијата, успеаја да ја прошират својата клиентска база.