Husamedin Gina
09 Април 2019•Ажурирај: 10 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – „Од ден на ден сѐ повеќе се појавуваат компании кои се заинтересирани за инвестирање во Северна Македонија“, истакна Зорица Апостолска, министерка без ресор задолжена за странски инвестиции, јавува Anadolu Agency (AA).
Економскиот факултет – Љубљана, денеска во Стопанската комора на Македонија организираше „Бизнис-отворен ден 2019“.
Пред почетокот на „Бизнис-отворен ден 2019“, министерката Апостолска во изјавата за медиумите истакна дека според реномирана кредитна агенција, Северна Македонија е една од најатрактивните дестинации за инвестирање во Централна и Југоисточна Европа.
„Можам да кажам, веќе се чувствува влијание врз поинтензивна заинтересираност на странските инвеститори. Сето тоа ја подобрува политичката и економската стабилност. И од тие причини веќе можам да потврдам дека од ден на ден сѐ повеќе се појавуваат заинтересирани инвеститори“, рече министерката Апостолска, додавајќи дека една реномирана кредитна рејтинг-агенција во своите анализи Северна Македонија ја оценува како една од најатрактивните дестинации во Централна и Југоисточна Европа.
Андреја Кодрин, член на Комисијата за инвестиции во Европската комисија, истакна дека за ЕУ вистински и голем предизвик е тоа како да се образуваат младите кадри.
„Кога зборуваме за Европската Унија треба да знаеме дека има три многу важни области, кои, исто така се однесуваат на земји како што е Македонија. Прво, тоа е мирот, што значи стабилност и безбедност, второ, тоа е единствениот пазар што го има Европската Унија од 508 милиони граѓани и трето се фондовите и инвестициите“, рече Кодрин, истакнувајќи дека сиве овие области ги поврзува образованието, и дека токму затоа образованието претставува голем предизвик.
Метка Текавчич, декан на Економскиот факултет – Љубљана, во изјавата за медиумите нагласи дека денес се тука да ги презентираат способностите на Економскиот факултет, неговите образовни програми, и дека исто така ќе разговараат и за соработка со бизнис-заедницата и соработка во делот на образованието.