Dilara Zengin,Muhammed Ali Gürtaş
19 Август 2017•Ажурирај: 19 Август 2017
АНКАРА (АА) - Преговорите за обновување на договорот за Царинската унија помеѓу Турција и ЕУ ќе продолжат да се одвиваат во нормален тек, изјави турскиот министер за економија, Нихат Зејбекчи, јавува Anadolu Agency (AA).
Неговите изјави дојдоа по неодамнешната изјава на германската канцеларка Ангела Меркел во врска со суспендирање на преговорите за Царинската унија помеѓу Турција и ЕУ.
„Меркел нема да одлучува сама за тоа“, изјави Зејбекџи, зборувајќи во Измир на денот на отворање на 86. Меѓународен саем на Измир.
„Официјалните претставници на ЕУ нагласија дека обновувањето на Царинската унија е во корист на двете страни“, додаде тој.
Иако не е земја членка на ЕУ, Турција го склучи договорот со блокот во 1995 година.
Зејбекчи нагласи дека обемот на трговија меѓу Турција и Германија ќе достигне 40 милијарди долари до крајот на 2017 година.
Обемот на трговија меѓу Турција и Германија изнесуваше 16,7 милијарди долари во првата половина од годината, според турскиот Институт за статистика.
„Губитници ќе бидат и Турција и Германија со ваквите изјави и пропаѓање на бизнисот“, додаде тој.
- Евроазиска Царинска унија
Зејбекџи изјави дека Турција сака да започне преговори со Евроазиската Царинска унија, која постои меѓу членките на Евроазиската економска унија (ЕЕУ).
ЕЕУ се состои од Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и Русија.
Во изминатите години, Турција ја нагласи важноста на користење на локалните валути во надворешната трговија со нејзините соседи и поголеми трговски партнери како Русија, Иран и Кина за да се намалат трошоците во замена на валутата.
„Нашата цел е да користиме национални валути во надворешната трговија. Ако го направиме тоа, ќе ги елиминираме негативните ефекти на девизната нестабилност “, рече Зејбекчи.