Berk Kutay Gökmen
29 Октомври 2025•Ажурирај: 29 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Кинескиот претседател Си Ѓинпинг ќе се состане со американскиот претседател Доналд Трамп утре во Јужна Кореја, со цел да се постигнат „позитивни резултати“, потврди Пекинг денес, јавува Анадолу.
Двајцата шефови на држави „ќе имаат длабока комуникација во врска со главните прашања од стратегиско и долгорочно значење, како и прашања од заеднички интерес“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун.
„Кина е подготвена да соработува со САД“, изјави Гуо на прес-конференцијата во Пекинг, додавајќи дека земјата се стреми кон „позитивни резултати од овој состанок“ и внесување „нов поттик во развојот на кинеско-американските односи“.
Тој напомена дека конкретни информации во врска со претстојниот состанок ќе бидат објавени наскоро.
Минатата недела Белата куќа објави дека двајцата лидери ќе се сретнат на 30 октомври во Јужна Кореја, во рамките на Самитот за азиско-пацифичка економска соработка.