Bekir Gürdamar
18 Јули 2016•Ажурирај: 20 Јули 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Вредноста на лирата наспроти американскиот долар повторно порасна и го следи патот на стабилниот раст по падот предизвикан од обидот за државен удар, кој во петокот вечерта се обидоа да го извршат помали групи во турската војска, лојални на терористичката организација Фетулачи – паралелни државни структури (ФЕТО ПДЈ), јавува Anadolu Agency (AA).
По обидот за државен удар во петокот навечер, вредноста на лирата наспроти доларот изнесуваше 3,05, мерките што ги презеде Централната банка на Турција од вчера доведоа до зајакнување на финансиската стабилност, а вредноста на лирата наспроти доларот изнесуваше 2,94.
Аналитичарите сметаат дека на финансиската стабилност во Турција посебен ефект ќе има и фактот што за спречувањето на државниот удар најмногу придонеле граѓаните со излегувањето на улиците низ Турција.
Заменик-премиерот на Турција, задолжен за економски прашања, Мехмет Шимшек, во својата порака изјави дека нема големи осцилации во финансиска смисла и дека единствената промена во Турција по обидот за државен удар е само посилна демократија.
„Нашата порака е јасна: нема место за паника. Многу брзо се вративме на сите задачи. Ако има нешто што се сменило во Турција, тоа е промената во смисла на посилна демократија“, изјави Шимшек.
Тој изјави дека не очекува трајни последици по обидот за државен удар, коj се обидоа да го извршат припадниците на терористичката група ФЕТО.
„Нема да има трајни последици на растот на економијата, на стабилноста и на макроекономските темели. Нашата демократија, државата и политичката стабилност се зајакнати. Многу брзо продолжуваме со реформите“, изјави Шимшек.
Централната банка на Република Турција соопшти дека на банките во таа земја ќе им овозможи неограничена дневна ликвидност за да се обезбеди стабилноста на економскиот пазар по задушувањето на обидот за државен удар.
„Централната банка ќе им обезбеди на банките посебна ликвидност без лимит и без провизија“, се наведува во соопштението на Централната банка на Турција.
Во утринските часови, вредноста на турската лира наспроти американскиот долар изнесуваше 2,9325, а наспроти еврото 3,2420.