Admir Fazlagic
07 Април 2017•Ажурирај: 08 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски денеска во Рим, претседаваше на сесијата насловена „Патот до интеграција“ која е дел од Конференцијата во организација на Одбранбениот колеџ на НАТО, на тема „Балканските мрежи и стабилноста – поврзување на соработката и човековата безбедност“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Министерството за одбрана на Македонија, на денешната сесија на која покрај министерот Јолевски како претседавач, говорници биле и поранешниот министер за надворешни работи на Република Словенија, Димитриј Рупел, потоа Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка, Аријан Старова, претседател на Aтлантскиот совет од Тирана и Брук Смит-Виндзор.
Се наведува дека од Дивизијата за истражување на Одбранбениот колеџ на НАТО во Рим, било истакнато значењето на интеграција на земјите аспиранти за членство во НАТО од Југоисточна Европа. Говорниците истакнале дека на членството во Алијансата треба да се гледа од аспект на зачувување и унапредување на регионалната стабилност и безбедност.
Министерот Јолевски како претседавач на сесијата посочил дека членството во ЕУ и НАТО е од стратегиско значење за Република Македонија, но и за Европа.
„Неопходно е Европа да биде креативна и да најде методи како ќе ги забрза интегративните процеси за преостанатите земји од Југоисточна Европа“, посочил министерот.
Промените во геополитичкото опкружување во Европа и во светот укажуваат на потребата од стратешки пристап кон забрзување на интегративните процеси на земјите од Југоисточна Европа, бидејќи статус-кво ситуацијата во нивните интеграции е неодржлива, истакнал министерот Јолевски.
Во соопштението стои дека говорниците на Конференцијата, изјавиле дека иднината на земјите од Југоисточна Европа е во ЕУ и во НАТО.
Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ изјавил дека сите земји од регионот треба да започнат преговори за членство во ЕУ и дека Европската комисија треба да биде поактивна во надминувањето на билатералните разлики меѓу земјите – членки на Унијата и државите од регионот.
Меѓу другото, на конференцијата беа изнесени мислења и во однос на последните активности во однос на членството на Црна Гора во НАТО и потребата од продолжување на проширувањето на Алијансата со Македонија и Босна и Херцеговина, особено имајќи ја предвид новата геополитичка реалност и предизвиците со актуелната мигрантска криза.
Целта на конференцијата e да даде дополнителен придонес за безбедноста на меѓународната заедница гледајќи од перспектива на политички и стратешки размислувања, а во насока на интеграција на останатите земји од Балканот и безбедносните случувања во регионот и Европа.