САРАЕВО (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, денес, по состанокот со претседавачот на Советот за министри на БиХ, Денис Звиздиќ, во Сараево порача дека Турција, како што правела и претходно, ќе го поддржува членството на БиХ во НАТО. Исто така, Турција ќе пружи поддршка на БиХ, но и на другите земји на регионот, и кога станува збор за остварување на целите на патот кон полноправно членство во ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим утринава допатува до Сараево, во рамките на дводневната посета на БиХ, што претставува негова прва официјална посета на БиХ. По состанокот со Звиздиќ, Јилдирим зборуваше на заедничката прес-конференција.
Турскиот премиер Јилдирим истакна дека односите на Турција и БиХ имаат длабоки корени, но исто така и убава иднина.
„Продолжението на одржлив мир и стабилност на Балканот е поврзано со односите на БиХ и Турција, но исто така и со другите земји на регионот. Турција од самиот почеток вложува напори и прави чекори за да има уште подобри односи со БиХ“, изјави Јилдирим.
Тој додаде дека сите показатели потврдуваат дека Турција е меѓу десетте најзначајни партнери на БиХ.
„Турција го поддржува членството на БиХ во НАТО, бидејќи БиХ и Турција најдобро знаат што значи мир. За никогаш да не се повторат претходните болки, Турција, како што тоа го правеше и претходно, и во наредниот период ќе го поддржува членството на БиХ во НАТО. Исто така, нашата земја ја поддржува БиХ, но и другите земји од регионот, и кога станува збор за остварување на целите кон полноправно членство во Европската Унија (ЕУ)“, рече Јилдирим.
- Добра соработка на Турција и БиХ и уште многу поголем потенцијал -
Зборувајќи и за билатералните односи на двете земји, односно за темите за кои се зборуваше на денешниот состанок, Јилдирим истакна дека Турција и БиХ соработуваат во областите енергија, промет, трговија, земјоделство и туризам, но порача дека на тој план постои многу поголем потенцијал.
„Турските инвеститори веќе подолго време се присутни во БиХ. Ние сакаме да го зголемиме нивниот број. Секако дека тука имаме одредени обврски. Постојат помали краткорочни проблеми за кои веруваме дека ќе бидат решени“, изјави Јилдирим.
„Обемот на трговската размена се зголемува“, изјави Јилдирим, и додаде дека моменталната трговска размена од 617 милиони долари не го одржува вистинскиот потенцијал на Турција и БиХ. Според неговите зборови, потребни се уште напори да се оствари претходно зададената цел од милијарда долари трговска размена.
Кога станува збор за увозот на месо од БиХ, Јилдирим изјави дека се продолжува со увозот по квота од 15.000 тони на годишно ниво, и додаде дека очекува оти овој систем на увоз ќе биде одреден во наредниот период и низ Договорот за меѓусебна трговија.
Тој додаде дека денес зборувале и за автопатот Белград-Сараево, и дека делегацијата од турски експерти престојувала во БиХ и ја испитала трасата по која ќе се гради автопатот.
- Јилдирим: „Не се согласувам со тврдењата дека Турција не вложува во БиХ“ -
Јилдирим потсети дека неговата земја во јули 2016 година беше соочена со обидот за државен удар, зад кој стои терористичката организација ФЕТО, и дека БиХ е една од првите земји кои ја поддржаа Турција. Заблагодарувајќи и се на Босна и Херцеговина и на народот на оваа земја, Јилдирим предупреди дека ФЕТО е глобална организација, која работи во 160 земји и дека дејствува и во БиХ.
Осврнувајќи се на борбата против тероризмот, која Турција ја води на подрачјето на Сирија и Ирак, Јилдирим рече дека неговата земја со оваа борба не само што ги штити своите граѓани и држава, туку дека тоа е значајно и за безбедноста на целата територија на Европа.
Јилдирим рече дека неговата посета на Босна и Херцеговина е добра можност за зајакнување на односите меѓу Турција и Босна и Херцеговина, но и подготовка за посетатата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Босна и Херцеговина, која се планира околу средината на годината.
Запрашан да ги прокоментира последните наводи дека Турција со своите инвестиции не покажува добар однос кон БиХ, Јилдирим рече:
„Турција инвестира во БиХ, јас не се согласувам со тврдењата дека не инвестира. Турските инвеститори се меѓу првите пет во БиХ. Се разбира, за подобрување на инвестициите, потребна е поголема доверба за инвеститорите. Ова го велам за сите страни. Имаме направено значајни реформи кога станува збор за подобрување на инвестициската клима. Во БиХ постои сигурност, постои доверба, нема никакви проблеми кога станува збор за вложување. Ние секогаш ги поттикнуваме нашите инвеститори“, рече Јилдирим, потсетувајќи на значајните инвестиции на ТИКА, но и кредитните линии на Република Турција, кои се обезбедени преку „Ziraat Bank“.
На првиот ден од посетата на БиХ, се планира средба со членовите на Парламентарното собрание на БиХ и членовите на Претседателството на БиХ.
Вториот ден од посетата предвидена е посета на шехидските гробишта „Ковачи“, каде што Звизидиќ и Јилдирим ќе положат цвеќе. Потоа следува посета на Галеријата 11/07/95 и прошетка низ Баш-чаршија.
Јилдирим, кој за првпат е во официјална посета на БиХ, предводен е од голема делегација на турски официјални претставници, меѓу кои и вицепремиерот Реџеп Акдаг, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, министерот за економија Нихат Зејбеки, министерот за транспорт и врски Ахмет Арслан и претседателот на Турската државна управа за религиски прашања, Али Ербас.