Dejan Maksimovic
20 Септември 2023•Ажурирај: 22 Септември 2023
СРЕБРЕНИЦА (АА) - Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, денес во Сребреница најави дека ќе донесе одлука за забрана на изборот и назначувањето на јавни функции во Босна и Херцеговина на сите лица осудени за геноцид и злосторства против човештвото, јавува Анадолу.
Шмит зборуваше непосредно пред почетокот на програмата по повод 20-годишнината од отворањето на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари. Во таа пригода тој потсети дека Канцеларијата на високиот претходник (ОХР), односно неговите претходници Волфганг Петрич, Педи Ешдаун и Кристијан Шварц-Шилинг, одиграле голема улога во формирањето на Меморијалниот центар за жртвите на геноцидот од јули 1995 година во Сребреница.
„Доколку зборуваме за пречки на патот кон конечниот мир и градење доверба во Босна и Херцеговина, тешко дека постои поголем предизвик од непочитувањето на жртвите, преживеаните и сите оние што страдаа за време на војната“, рече Шмит.
Високиот претставник истакна дека затоа мора да се соочат со негирање и ревизионизам и им се заблагодари на сите преживеани и на сите организации на жртвите што ги водеа иницијативите да се осигури геноцидот во Сребреница да не биде заборавен.
„Денес донесов одлука и во отворена фиока имам некои други одлуки со кои сакам да се занимавам со прашањата што се однесуваат на жртвите, Меморијалниот центар и понатамошната борба за нивниот статус. Размислував кој е подобар ден да објавам ваква одлука од денес на место како Поточари. Овие одлуки ќе го направат следново: прво, ќе му овозможи на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари дополнително да ги развива и прошири своите активности, особено оние што се важни за сеќавањето на геноцидот, со цел да се спречи неговото негирање, ревизионизмот, со цел да се обезбеди спречување на повторување на повредите на човековите права и придонесе за понатамошно помирување. Затоа, центарот ќе го прошири Институтот за истражување и едукација, односно образование. Ќе имаме национален и меѓународен тим составен од искусни експерти и експерти за геноцид што ќе се занимаваат со прашања за геноцид“, рече Шмит.
Тој додаде дека неговата визија, заедно со раководството на центарот, не е само да се изврши комеморацијата, која е многу важна, туку и да се пристапи до образованието на младата генерација во Европа за да научат што се случи во Сребреница.
„Во моите фиоки имам уште еден сет одлуки со кои ги повикувам меѓународната заедница и властите на Босна и Херцеговина да ги преземат работите во свои раце и доколку има пречки за усвојување на овие материјали од страна на домашните власти, јас сум подготвен да го ставам мојот потпис на нив. Со ова мислам на интеграција на податоците во криминалната евиденција на луѓе што биле осудени за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства од страна на цивилните меѓународни судови, вклучително и Хашкиот трибунал. Не може да се толерира тоа што таквите луѓе не се запишани во соодветните регистри“, рече Шмит и продолжи:
„Втората одлука се однесува на забраната за избор и именување на јавни функции на сите лица што се осудени за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, како и забрана за доделување какви било награди на таквите лица.“