Admir Fazlagic
24 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
ПОДГОРИЦА (АА) - Претседателот на Големото народно Собрание на Република Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, во рамките на неговата официјална посета на Црна Гора, во Тузи се состана со претседателот на Исламската заедница на Црна Гора Рифат Фејзиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шентоп и делегацијата во Тузи беа пречекани од Фејзиќ каде првин ја посетија Низамската (воена џамија) реставрирана од Турската агенција за координација и соработка (ТИКА) во 2010 година, а потоа преминаа во посета на просториите на Исламската заедница на Црна Гора.
Шентоп се обрати пред учениците на подгоричката медреса „Мехмед Фатих“, првото исламско училиште во Црна Гора.
Тој истакна дека луѓето порано живееле во многу потешки околности, поради што луѓето од балканските простори и Турција ретко се посетувале, не се познавале, но дека сега состојбата е сменета, денес тие граници постојат само на мапи, а луѓето се послободни и имаат можност повеќе да се запознаваат.

Шентоп нагласи дека Црна Гора е земја која негува мултикултура и мултиетничност. Тој додаде дека и во Република Турција живеат различни етнички заедници меѓу кои бројни Албанци и Бошњаци, како и дека сите се сродни заедници во Турција и дека Турција е земја и на Бошњаците и на Албанците.
„Нашата едниствена порака е луѓето да живеат слободно, слободно да ја практикуваат својата вера, слободно да живеат во мир и благосостојба, тоа е единствената наша порака која ја испраќаме. Ова не е порака на денешнината, ова е порака која одамна во нашата историја е покрената, со која живееме со векови наназад“, рече Шентоп во своето обраќање пред учениците и присутните делегации.
Тој се осврна и на историскиот факт во однос на присуството на Османлиите на балканските простори низ историјата.
„Османлиите со векови беа присутни на овие простори, но кога ќе погледнеме сите етнички заедници кои биле присутни на овие простори го сочуваа својот јазик, својата вера и нивните верски објекти. Тогаш Османлиската држава била најголема сила во светот и османлиските институции многу добро работеа, таков пример и таков модел денеска во светот се обидуваат да го копираат, особено кога е во прашање образованието“, истакна Шентоп.
Единствената порака која сакаат да ја испратат, според него, е луѓето да живеат во мир и меѓусебно почитување.
„Луѓето да живеат во мир, секој да има право на своја вера, свое убедување, ние имавме таков пример во нашата историја и кога бевме најсилни ние на луѓето им го обезбедувавме ова право“, рече Шентоп и порача:
„Во срцата на 85 милиони Турци го имате своето место.“
Претседателот на ИВЗ на Црна Гора, Рифат Фејзиќ, рече дека се почестени од посетата на претседателот на турскиот Парламент, кој доаѓа од пријателска Турција.
Фејзиќ рече дека во годините наназад се чувствувале осамени, но со посетите од високите турски државници, таквото чувство и состојбата се смениле.
„Во последните 10-20 години тоа се смени во наша корист и на наша радост. Турција е моќна и пријателска земја. Ние сме горди што највисоките турски државни претставници во текот на своите посети издвојуваат време да нѐ посетат нас. Тоа многу ни значи, тоа ни е поддршка, ветер во грб, и чувство дека не сме сами и дека имаме голем и значаен пријател“, истакна Фејзиќ во обраќањето пред учениците од подгоричката медреса.
Со посетата на ИВЗ на Црна Гора, претседателот на турскиот Парламент ја заврши официјалната посета на оваа земја.
Во рамките на посетата на Црна Гора, Шентоп се состана со претседателот на Парламентот на Црна Гора, Алекса Бечиќ, со кој одржа тет-а-тет средба, а потоа средба одржаа и парламентарните делегации на двете земји. Шентоп и Бечиќ потпишаа Протокол за меѓупарламентарна соработка помеѓу Турција и Црна Гора, а потоа одржаа и заедничка прес-конференција.
Шентоп се состана и со црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ.