Figen Shaban
02 Февруари 2018•Ажурирај: 03 Февруари 2018
ПРИШТИНА (АА) - Министерката за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска, која престојува на официјална посета во Косово, се состана со премиерот на оваа држава, Рамуш Харадинај, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на кабинетот на косовскиот премиер се наведува дека на средбата се разговарало за продлабочување на соработката во повеќе области кои се важни за двете земји, особено во областа на безбедноста, економијата и инфрастурктурата, заедничкото управување со границите, и други теми од заеднички интерес.
Според ова соопштение, премиерот Харадинај на средбата истакнал дека оваа е шансата Косово и Македонија да одлучат за соработката за добрососедство, особено сега, како што рекол тој, кога има политичка волја од страна на двете земји.
Се вели дека, Министерката Шекеринска нагласила дека треба да се зајакнуваат односите со соседите врз основа на секојдневна комуникација за прашањата кои се однесуваат на двете земји.
По повод посетата на Шекеринска во Косово, Министерството за безбедносни сили на Косово организираше воена церемонија, по која министерката Шекеринска беше пречекана на средба од страна на министерот за безбедносни сили на Косово, Рустем Бериша. По средбата на министрите, се одржа меѓуделегациска средба.