Zlatan Kapic
31 Август 2021•Ажурирај: 31 Август 2021
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, со кого разговараше за подобрување и понатамошно зајакнување на билатералната и економската соработка, како и за регионални и меѓународни прашања, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ изрази задоволство од постигнатото ниво на билатерални односи, што се карактеризираат со интензивен политички дијалог, продлабочена соработка и меѓусебна доверба и почит.
Соговорниците се согласија дека исклучителниот личен и професионален однос меѓу двајцата претседатели значително придонесува за развој на политичките, економските и сите други врски меѓу Србија и Турција.
Претседателот на Србија посебно го истакна личниот придонес на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, што резултираше со пристигнување голем број турски инвеститори во Србија, како и важноста на Заедничкиот комитет за економска соработка, што ги зајакна врските меѓу двете земји и што може да даде дополнителен економски придонес. Соговорниците се согласија дека е неопходно да се интензивира работата на овој комитет во наредниот период.
„Инвестициите на турските компании во Србија во последните две години се интензивираат со перспектива за понатамошен раст и во таа смисла го поздравувам зголемениот интерес на Турција за инвестирање во српската економија, како и реализацијата на серија инвестиции во неразвиените делови на Србија“, рече Вучиќ и додаде дека се надеваат за продолжување на овој позитивен тренд, посебно на планот на инфраструктурата.
Министерот Чавушоглу ги пренесе поздравите на турскиот претседател Ердоган и испрати покана до претседателот Вучиќ да ја посети Турција, со цел да се одржи нова седница на Високиот совет за соработка.
Соговорниците се согласија дека во односите меѓу двете земји има голем простор за подобрување на соработката во областите на енергетиката, туризмот, културата и образованието.
- Свечено отворање на Генералниот конзулат на Турција во Нови Пазар -
Турскиот министер Чавушоглу утре ќе биде во посета на Нови Пазар, заедно со српскиот министер за надворешни работи Селаковиќ.
Чавушоглу и Селаковиќ ќе се сретнат со градоначалникот Нихад Бишевац, по што ќе следува свечено отворање на Генералниот конзулат на Република Турција во Нови Пазар.
На свеченото отворање ќе бидат прикажани и видеопораки од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Чавушоглу ќе го посети и Бошњачкиот национален совет (БНВ), каде што ќе разговара со претседателката Јасмина Цуриќ.
Планирано е министерот за надворешни работи на Турција да ја отвори салата на Спортската академија „Догуш“, која по налог на турскиот претседател беше реставрирана од истоимената фирма од оваа земја.
Во придружба на министерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија, Томислав Момировиќ, Чавушоглу ќе го посети и градилиштето на компанијата „Ташјапи“, која работи на модернизацијата на патот Нови Пазар - Тутин.
По враќањето во Белград, истиот ден, Чавушоглу ќе се сретне со претседателот на српскиот Парламент, Ивица Дачиќ, а се очекува да ја посети и женската одбојкарска репрезентација на Турција, која настапува на Европското првенство во главниот град на Србија.