Elena Trenchevska Chekovic
31 Август 2021•Ажурирај: 01 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Првата група авганистански државјани, што ќе бидат привремено сместени во Северна Македонија, пристигна синоќа од аеродромот во Тбилиси, Грузија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На Меѓународниот аеродром Скопје пристигнаа 149 Авганистанци, меѓу кои и жени и деца. Станува збор за Авганистанци што работеле за меѓународни организации и нивните семејства.
На аеродромот во Скопје беа пречекани од министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Министерот Османи изјави дека граѓаните што пристигнаа биле вработени во меѓународните организации како „Опен гавермент партнершип“, „Транспаренси интернешнал“, Светскиот економски форум и други партнерски меѓународни организации.
„Тоа се наши сојузници, луѓе со коишто сме работеле, луѓе на кои не по своја вина им е загрозен животот, и затоа ние одлучивме да им овозможиме привремено прибежиште за да се засолнат од ризиците по нивниот живот, сè додека не стигнат до нивните конечни дестинации“, истакна Османи.
Тој рече дека за логистиката за бегалците се грижат организациите во кои тие работеле.
Османи нагласи дека Северна Македонија досега дала согласност за привремено сместување на околу 750 граѓани од Авганистан, вработени во меѓународните организации.
Да потсетиме, талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан по преземањето на Кабул на 15 август. Неочекуваното преземање на власта предизвика хаотичен наплив за бегство од Авганистан. Земјите ги евакуираа своите државјани, дипломатите и Авганистанците кои работеа заедно со западните сили и меѓународните организации и стравуваат за својата безбедност.