Балкан

Црногорскиот премиер побара разрешување на министерот за правда поради негирање на геноцидот во Сребреница

Лепосавиќ претходно изјави дека ќе го признае геноцидот во Сребреница, кога тоа без сомнение ќе се утврди, и дека Судот во Хаг, каде што е судено за тој геноцид, го изгубил својот легитимитет

Adel Omeragic  | 05.04.2021 - Обновена : 06.04.2021
Црногорскиот премиер побара разрешување на министерот за правда поради негирање на геноцидот во Сребреница

ПОДГОРИЦА (АА) - Претседателот на Владата на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, побара оставка од министерот за правда, човекови и малцински права, Владимир Лепосавиќ, поради изјавата за геноцидот во Сребреница, јавува Агенција Анадолија (АА).

Лепосавиќ претходно изјави дека ќе го признае геноцидот во Сребреница, кога тоа без сомнение ќе се утврди, и дека Судот во Хаг, каде што е судено за тој геноцид, го изгубил својот легитимитет.

„Побарав оставка од Лепосавиќ бидејќи сметам дека тоа е најдобар начин со личен чин да ја покажеме својата одговорност. Тоа го направив во петокот, го направив и денес, сакајќи да го заштитам прво интегритетот на оваа влада. Бидејќи Лепосавиќ остана доследен на својот став, донесов тешка одлука - предлог за разрешување на член на Владата, во овој случај министерот Лепосавиќ“, изјави Кривокапиќ во вонредното денешно обраќање до јавноста.

Премиерот истакна дека Лепосавиќ е човек со ретка интелигенција и исклучително познавање на правото.

„Да го стореше тоа министер за земјоделство би рекол дека тоа го направил од незнаење. Но, тој е министер за правда, човекови и малцински права. За тоа ниво на компетенција е недозволиво министер за правда да ги изнесува своите приватни ставови. Ничија биографија не може да биде оправдание за какви било активности. Само делата сведочат за нас“, порача Кривокапиќ.

Тој повика на помирување, наведувајќи дека помирувањето не може да биде одлука на Владата на Црна Гора, ниту на пет-шест луѓе.

„Дали сакаме оваа смена да ја направи некој друг, а не ние самите. Јас немам никаков проблем, јас му посакувам сè најдобро на овој народ. Доколку тие немаат трпение и не веруваат во тоа, прв ќе поднесам оставка. Тоа е најлесно. Јас носам наследен товар кој е толку тежок, што не можам да ви опишам, но ќе го носам сè додека на народот почне да не му одговара“, истакна премиерот Кривокапиќ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.